Skip to main content

Театар „Сенки и облаци“ гостува со претставата за деца „Свадби на животни и нешта“ во Македонскиот КИЦ во Софија

На 25 април (петок) 2025, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Културно-информативниот центар во Софија ќе биде прикажана претставата за деца „Свадби на животни и нешта“ на театарот „Сенки и облаци“ од Скопје. Претставата е создадена според истоимената книга на Раја и Георги Господиниви.

Креативен тим на претставата се: Катерина Стефановска – актер, Александра Стојановска – актер, Дарко Богески – актер, Круме Стефановски – актер и музичар, Благородна Коцева Симјанов – дизајн на кукли, Ивона Ѓорѓиовска – дизајн на постер. Претставата е за деца над пет години.

За „Свадби на животни и нешта“: Приказна за невидливиот живот на предметите околу нас, за фантазиите во доцните попладневни часови, кога и малите и постарите се подготвени да смислуваат игри. Што би се случило ако… Се спојат кауч и крокодил, желка и шкаф, книга и сладолед, камила и чајник… Некои би рекле „чао и збогум“, други би посакале да создаваат мушички за жива ограда, кроко-каучи и камило-чајничиња, кои мирисаат на камилица и мед. Приказна која повикува: „Ајде, сега тебе ти е редот“.

Сенки и облаци е театар на сенки од Скопје и е пионер со сенки повеќе од 15 години.

Нашата работа главно е фокусирана на промоција на театарот на сенки како уметничка форма и неговата висока културна вредност како и употреба на театарот на сенки како неконвенционална креативна и едукативна алатка за општествени теми. Нашиот театарски простор во срцето на Дебар маало, работи како културен центар со публика од 30 луѓе. Имаме задоволство да бидеме домаќини на различни културни настани – промоции на книги, џем сесии, монодрами, пантомима, куклени претстави, работилници, танц, изложби на фотографии, поп-ап продавници а истовремено го нудиме нашиот простор на независни културни работници преку резиденцијални програми. Еден од нашите најдраги проекти е Меѓународниот фестивал на театар на сенки за деца „Сонот на облачето“ со своите 10 изданија, како единствен фестивал на театарот на сенки во Југоисточна Европа. Тимот на Сенки и облаци се состои од актери, режисери, музичари, раскажувачи, едукатори, визуелни уметници, фотографи и сè помеѓу!, велат од Театарот.

Поврзани вести