Skip to main content

Танцовата претстава „Диво месо“ премиерно во МНТ на 27 март

Македонски народен театар плакат

Култната драма „Диво месо“ од Горан Стефановски добива нова сценска интерпретација како танцово-музичко дело, чија премиера е закажана за 27 март, на Светскиот ден на театарот, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ).

Режијата е на Борче Начев, а кореографија на Александра Кочовска-Начева и Елена Антонова-Петровиќ. Музичкиот избор е на истиот авторски тим, додека композитор на оригиналната музика е Албин Сопа.

Во претставата настапуваат танчерите Лука Ѓорѓиевски, Давор Милев, Дора Пајдакова, Мила Ангелова, Моника Ѓоргиева, Јана Ѓоршовска, Ивана Ралев, Небеска Шумковска, Кристина Петрова, Ана Митревска, Теона Димитриевска, Милена Тримческа, Мила Атанасова, Кристина Коцевска, Теона Голчева и Евгенија Павловиќ.

Проектот е копродукција помеѓу МНТ и АРТ КУЛТ-УРА, со поддршка од Министерство за култура и туризам на Македонија.

Во оваа танцова верзија, драмскиот текст на Стефановски се трансформира во движење, танц и телесен израз. Телото станува централниот симбол на приказната – тело што страда, гладува, преживува и се бори со моралниот распад на општеството.

„Диво месо“ е силна метафора за луѓето кои, под притисок на сиромаштија, страв и неправда, постепено го губат човечкото во себе. Постановката поставува универзално прашање – дали човекот може да остане човек кога светот околу него се распаѓа.

Претставата се темели на физички театар и современ танц, а дел од препознатливите реплики од драмата – како „Ќе има војна!“ и „Доста беше и ваков мир!“ – се сведени на есенцијални моменти кои се изразуваат преку ритам, движење и емоционална телесна експресија.

Премиерата ќе се одржи на големата сцена на МНТ, а претставата трае 60 минути без пауза.

Поврзани вести