
Вчера вечер, на повеќе локации во централното градско подрачје во организација на Друштвото на ликовни уметници од Македонија – ДЛУМ се реализираше изложбата „Скопски урбани приказни 2025 г. “ .
Кураторката на изложбата д-р Ана Франговска претстави концепт „СКОПЈЕ: СЕНЗОРЕН ГРАД“ кој кореспондира со најавангардните современи теории како феноменологијата на перцепција, естетиката на релации и постмодерната урбана теорија, одлично вклопени во уметничките дела кои беа поставени на повеќе локации во градот под мотото:
„Ова не е изложба што ја гледаш. Ова е изложба што ја чувствуваш“
Бевме сведоци на комплексни аудитивни, тактилни, мирисни инсталации, визуелни перформанси и движење, кои предизвикуваа дијалог, внесувајќи ги посетителите во просторот на делото.
Честитки до авторите:
Славица Јанешлиева, Гоце Наневски, Игор Сековски, Марија Сотировска, Дијана Томиќ-Радевска, Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска, Ѓорѓе Јовановиќ, Гордана Вренцовска, Борче Богоевски, Татјана Ристовска, Борис Шемов, Ана Вчкова, Светлана Волиќ (Србија) и Лучезар Бојаџиев (Бугарија) кои со своите дела поттикнаа социо – емоционална порака за индивидуална и граѓанска одговорност за својот град, себе, другите. Преку исклучителните мулти сензорни креации уметниците дадоа приоритет на личното и колективно искуство како основа за естетика и културна акција.