
Четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ кое ќе се одржи од 15 до 18 октомври во Скопје ќе ја обедини регионалната театарска сцена под слоганот „Сцена за сечиј сон“, со претстави што преку игра, хумор и фантазија го допираат живиот корен на човечкото искуство.
Официјалната селекција, за која беше задолжена режисерката Драгана Милошевски – Попова, годинава беше направена од вкупно над 40 апликации.
Фестивалот на 15 октомври, во среда, во 19 часоот се отвора во Театар за деца и младинци со „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ: современа и ритмична адаптација на романот на Мери Шели, која ја преиспитува границата помеѓу човекот и чудовиштето, и улогата на заедницата во нејзиното поставување, моделирање и управување.
Во четврток, во Албански театар во 11 часот е гостувањето на Детскиот театар сд Суботица со „Играј со мене!“ на Андреј Бока, претстава што нè потсетува дека вниманието и времето се највредните подароци за секое дете. Вечерта, во 19,30 часот во Албански театар е „Малата Фрида“ во продукција на Градски театар „Жар Птица“ во режија на Аница Томиќ – приказна за детството на Фрида Кало, за храброста да се биде различен и лековитата моќ на соништата.

В петок, на 17 октомври во 11 и во 13 часот во ТДМ е „Свадби на животни и нешта“ на Георги и Раја Господинови на скопскиот Театар на сенки и облаци, а вечерата, во 19,30 часот во ТДМ е гостувањето на „Прозорецот“ на Давид Зуазола од Темишвар, Романија.
„Како оздраве штурецот“ на Никола Завишиќ од Белград е визуелно богата претстава за детската тага и начинот на кој играта и хуморот стануваат јазик на самоисцелување и според шрограмата таа е во сабота, на 18 октомври, во Театар Комедија во 12 часот.

Фестивалот ќе заврши со „Сино“ на атинскиот „Хоп Сињор“ во 19,30 часот во ТДМ. Организаторот оваа претстава ја најавува како храбра, апсурдно-хумористична претстава што со свеж сценски јазик ги истражува конфликтите и стереотипите во секојдневието.
Сите претстави, освен првата, ќе се натпреваруваат за ГРАН ПРИ, наградата за режија, двете актерски, наградата за костимографија и наградата за сценографија.
Жирито го сочинуваат Игор Третињак (Хрватска), Изабела Новотни (ТДМ) и Јулијана Мирчевска (АСИТЕЖ), а детското жири ќе ја додели наградата за најдобра претстава според младата публика.
Фестивалот го организира Театар за деца и младинци – Скопје, со Совет во состав: Владимир Лазовски (претседател), Игор Ивковиќ, Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска, Никола Наковски, Ангела Димитровска, Ирена Глигорова и Васил Галевски.
Во рамки на придружната програма ќе се одржат: драмско читање и панел-дискусија „Животот на еден современ македонски драмски текст“, со Ева Камчевска како нејзин модератор; работилницата за сценско движење под менторство на српскиот актер и режисер Дамјан Ќецојевиќ; и креативната работилница „Како се прави кукла“, водена од Ирина Сомборац. Сите три работилници се наменети за младата публика, ученици и млади креативци.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и туризам и кабинетот на Претседателот на Република Македонија.