
Колективна монографија „Македонска поетика и стилистика“, прва национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји, ќе биде промовирана денеска во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Монографијата е резултат на долгогодишната научна посветеност на македонски истражувачи и е објавена во соработка со Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац.
Автори на монографијата, која е под редакција на проф. д-р Бранко Тошовиќ и проф. д-р Славчо Ковилоски, се проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Трајче Стамески и ас. м-р Иван Антоновски, како и научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац.
На промоцијата поздравно обраќање ќе има ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангеловска, а со излагања ќе учествуваат проф. д-р Венко Андоновски, дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проф. д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература, проф. д-р Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац, како и редакторот од националниот авторски тим, проф. д-р Славчо Ковилоски и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од името на авторите.