
На 9 октомври (четврток) 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи промоцијата на книгите есеи „Од личен агол“ и „Книга 2020“ на проф. д-р Елизабета Шелева. Промотор на литературните дела од проф. Шелева ќе биде проф. д-р Кристина Николовска (литературен критичар и теоретичар), а модератор на литературната вечер – Михајло Свидерски (писател, преведувач и издавач).
На средбата со софиската публика, авторката ќе го сподели своето богато искуство и повеќедецениски ангажман во областа на компаративната книжевна наука, книжевната критика и теорија, афирмацијата на современата македонска литература и нејзините врски со другите европски и светски литератури
Елизабета Шелева е истакнат припадник на првата генерација македонски компаративисти, која во континуитет од четири децении наназад неуморно го трасира патот и го збогатува креативниот и научен придонес на македонската критичко – теориска школа.
Нејзините првични критички објави и есеи беа печатени не само во домашната, туку и во југословенската периодика, во угледните списанија од Белград, Сараево, Нови Сад, Загреб, Подгорица, како што се: Књижевна реч, Књижевне новине, Dalje, OKO, Polja, Ovdje, Zarez.
Во целиот свој работен век, Шелева е подеднакво застапена како активен двигател на книжевно-научната мисла, чиешто име и дело е препознаено и признаено како авторитетно, не само во Македонија, туку и во странство и затоа била ангажирана како визитинг професор на повеќе странски универзитети (Хале, Загреб, Љубљана, Белград, Дубровник).
Како истакнат научен истражувач Шелева учествувала во 12 научни проекти на МАНУ, вклучително, и меѓународни проекти, остварени во соработка меѓу МАНУ со БАН, односно со САНУ.
Освен тоа, Шелева е паралелно присутна и ангажирана во културниот живот на земјата, како учесник и двигател на новите творечки движења во литературата. Таа дебитира на македонската книжевна сцена во средината на 80-тите години, како активен член и критички промотор на тн. Петти круг, група од афирмирани и реномирани автори, чијашто автентична поетичка определба се нарекува постмодернизам.
Член е и еден од основачите на Здружението на Независните писатели на Македонија од 1994 год, а во периодот од 2011 до 2017 год. била и претседавач на ова здружение, коешто беше формирано, по осамостојувањето на Р. Македонија, како творечка заложба и афирмација на новите демократски вредности во културата.
Шелева била долгогодишен уредник на списанието “Наше писмо” (1998 – 2018).
Покрај тоа, Шелева е долгогодишен уредник на регионалното списание “Sarаjevske sveske” (2005- 2017).
Редовен колумнист на “Дневник”(2000) и “Форум”(2008).
Повеќе од една деценија, Шелева е член на меѓународната жири комисија за доделување на книжевната награда “Балканика”.
Во периодот од 2017 до 2024 год, како истакнат стручњак и авторитет од областа на литературата, е именувана за претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата (којшто во нејзиниот мандат одбележа 60 години од своето постоење).
Шелева е долгогодишен и активен член, а била и потпретседател на македонскиот ПЕН центар (2021-2023).
Шелева е член на Academia Balkanica Europeana, со седиште во Романија.
Авторка е на 300 трудови и 13 книги од областа на книжевната критика и теорија:
1. Во име на новото (1986)
2. Компаративна поетика (постмодернизмот во македонската фикција/новела) (1996)
3. Книжевно-теориски студии (1997)
4. Културолошки есеи (2000)
5. Од дијалогизмот до интертекстуалноста (2000)
6. Заробеници на денот (избрани колумни) 2001
7. Отворено писмо (студии за македонската книжевност и култура) (2003)
8. Дом/Идентитет (2005)
9. Домот на писмото (2008)
10. Хетеротопии на писмото (2014)
11. Од личен агол (2019)
12. Книга 2020 (2021)
13. Книжевни созвучја и дијалози (2025)
Награди
“Млад борец”(1986) за најдобра дебитанска книга
“Корени” (2007) за долгогодишен придонес во критиката и есеистиката
Има објавено и 6 книги преводи, главно од англиски јазик:
• Растко Мочник, Теорија за денешно време (1999) (од словенечки)
• Гиги Тевзадѕе, Знаци на иднината (2000)
• Џудит Батлер, Проблеми со родот (2000)
• Карл Попер, Непрекината потрага (автобиографија) (2001)
• Ронит Бергман “Медено ласо” (2012)
• Хава Коен “Песните на Орфеја” (2015)