Skip to main content

Промоција на книгата „Македонска лексикографија: достигнувања и перспективи“ од Елена Вережникова и Емил Ниами

Во среда, 22 април, во 19.00 часот, во салата „Т‘га за Југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновски“ во Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „Македонска лексикографија: достигнувања и перспективи“ од Елена Вережникова и Емил Ниами. За книгата ќе зборуваат проф. д-р Симона Груевска-Маџоска и проф. д-р Бобан Карапејовски. Издавач е Книгоаиздателството Ми-Ан.

Книгата е замислена како краток преглед на македонската лексикографија, особено во периодот по неговата кодификација. Во текот на тие 80 години македонскиот јазик се здобил со голем број лексикографски дела, со што се издигнува на рамништето на голем број развиени европски и светски јазици, кои имаат неверојатно долга научна, но и лексикографска традиција. Како што вели и насловот на монографијата, се разгледуваат достигнувањата на македонската лексикографија, при што авторите се задржуваат исклучиво на еднојазичните речници.

Емил Ниами е доктор на филолошки науки. Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и на американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2007 година ја одбранил магистерската работа „Паронимите во македонскиот и во рускиот јазик“, а во 2010 година докторската дисертација „Антонимите во рускиот и во македонскиот јазик“. До 2007 година работи во А1 Телевизија на различни позиции. Од 2007 до 2011 година предава македонски јазик на МДУ „М.В. Ломоносов“. Автор е на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик (2020), првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик (2021) и на првиот речник на хомонимите во македонскиот јазик (2022). Ниами е автор и на монографиите „Вовед во славистиката“ и „Семонимите во македонскиот јазик“, а воедно е и главен редактор на „Речникот на медиумска писменост“. Во неговата библиографија се наведени неколку десетици научни статии и повеќе од 30 преводи на македонски јазик. Во 2021 година ја добива наградата „13 Ноември“ за наука. Се занимава со теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.

Елена Верижникова, доктор на филолошки науки. Во 1985 година дипломирала на групата за македонски jазик и книжевност на катедрата за словенска филологиjа на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Во 1997 година ја одбранила дисертациjата „Конструкции со ќе во македонскиот литературен јазик“. Работела во одделението за словенски речници во издавачката куќа „Руски jазик“. Од 2007 предава македонски јазик на МДУ „М.В. Ломоносов“. Во неjзината библиографија се наведени неколку десетици научни статии и два  руско-македонски речници. Носител на медалот „За заслуги пред Македониjа“ (2014) и на наградата „Блаже Конески“ (2021), почесен професор на УКИМ (2015). Се занимава со теми од областа на морфологиjата, функционалната граматика, граматичката семантика, лексикографијата.

Поврзани вести