
Издавачката куќа „Метаноја“ во соработка со Балканскиот институт за вера и култура ќе организираат промоција на „Економија на заемноста: Редефинирање на економската парадигма“ и средба со еден од авторите д-р Џеј Јакуп (DPhil, Oxon). Оригиналната верзија е во издание на Oxford University Press.
„Литературно кафе Метаноја“, Понеделник, 25 мај 19:00 часот, Максим Горки 19, Скопје.
Настанот ќе го отвори м-р Нада Милкова, директорка на „Метаноја“.
Промотори се д-р Коста Милков (DPhil, Oxon) / Претседател на Балкански институт за вера и култура / Главен и одговорен уредник на изданието и д-р Олимпија Христова-Заевска (PhD, Copenhagen Business School) / Основач на Elson Solutions / Експерт за зелени финансии.
Суштинската идеја на „Економијата на заемноста“ е дека бизнисот не постои само за профит, а една од најважните придобивки на книгата е „меѓусебното вреднување“ така што „вредноста“ на секој учесник во синџирот на какво било деловно дејство е потенцирана како клучен елемент за долгорочниот успех на бизнис-потфатот. Заклучокот е дека „целта“ или „ползата“ не е споредно надополнување, туку основата на оваа нова економска парадигма. Оваа книга го разбива стереотипот за профитот гледан исклучиво како финансиска добивка распрснувајќи го монотониот монетарен „зрак“ во раскошната призма на многу бои. Наспроти логиката на Волстрит за алчноста како двигател на економијата со парите како мотив, Економија на заемноста успешно демонстрира дека целта е многу повозвишена и дека заемноста и сплотеноста на сите чинители во економијата долгорочно постигнуваат и поголем финансиски профит и поголема благосостојба за сите вклучени во процесот.

Македонски



