
Во петок 15 мај, 2026 година со почеток во 20 часот, во културниот центар „Јадро“ ќе се одржи промоција на тукушто излезеното издание на монографијата „Историја на Галичник“ од Дамјан Бужаровски. Монографијата ја издаде Темплум, а графичкото уредување беше на авторот. На настанот ќе говорат рецензентите: проф. д-р Димитрије Бужаровски м-р Владимир Таневски, а ќе биде прикажано и кратко видео кое ќе се движи низ страниците од монографијата покрепено со аудио од изворна музика од регионот. Монографијата на 347 страни започнува со географските податоци за Галичник и регионот, за потоа да го обработи потеклото на Мијаците, и да премине на формирањето на Галичник во предосманлискиот период. Следуваат делови кои го прикажуваат Галичник во османлискиот период преку прегледи на податоците од турските дефтери. Посебно детално се обработени XIX и XX век до 1945 година, со голем број податоци за животот, економијата, занимањата, трговијата, учеството на галичаните во војните од овој период итн. Не помалку интересни се и прилозите за арамиството во истиот период, мијачкиот дијалект и таен јазик, биографиите на илинденци, членови на МРО од Галичник и учеството во НОБ. Во бројните прилози е и списокот на галичките презимиња, како и речникот на турцизми, архаизми и помалку познати зборови. Се’ на се’ една извонредно богата монографија со редок библиографски и фотографски материјал.
Дамјан Бужаровски работи во Библиотеката и архивот на Народна банка на РСМ, има магистрирано на Економскиот факултет (монетарна економија) и Филозофскиот факултет (историја), каде во моментов е на докторски студии.

Македонски



