
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) донесе едногласна одлука да поднесе пријава до Јавното обвинителство против поранешни членови на управниот и надзорниот одбор на АД ТЕЦ Неготино.
Комплетната документација за овој случај веќе се процесира до обвинителите, откако антикорупционерите утврдиле сериозни прекршувања на законите при спојувањето на компанијата со АД ЕСМ.
Случајот на денешната седница детално го образложи членот на ДКСК, Сервет Демири, кој посочи дека поранешните функционери си овозможиле двојни примања.
„Во ДКСК пристигна пријава од непознат поднесител против лица од поранешниот управен одбор на АД ТЕЦ Неготино. Пријавените лица наведени во пријавата биле членови на поранешниот управен одбор на АД, воедно и распоредени на директорски позиции во организациони единици во ТЕЦ Неготино. По статусната промена и соединување на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ-Скопје, по престанок на функциите, како членови на управниот одбор, овие лица останале во работен однос во АД што било незаконски, бидејќи вработувањето во трговските друштва во државна сопственост единствено е преку јавен оглас. Оправдување за таквиот начин на вработување биле менаџерските договори врз основа на кои им било овозможено да изберат дали ќе останат во АД или ќе се вратат на старите работни места од каде дошле перед изборот. Дополнително во пријавата, лицата добиле средства во вид на апанажа врз основа на менаџерски дгоговори во висина од целосни 12 плати што претставуваат дополнителни приходи на редовната плата која ја добивале, а тоа значи дека како вработени во АД добивале редовна месечна плата и плус една плата согласно менаџерските договори. По разгледување на документацијата, ДКСК утврди дека наводите се потврдуваат и согласно законот за спречување на корупција и судир на интереси, против пријавените лица ќе иницира постапка до надлежен орган, информира Демири, кој заедно со останатите членови на ДКСК донесоа едногласна одлука за поднесување пријава до Јавното обвинителство против поранешни членови на управен и надзорен одбор на АД ТЕЦ Неготино.“
На денешниот дневен ред на Комисијата се најдоа и десетици други предмети поврзани со корупција, судир на интереси и криење на имот.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, соопшти дека е лоцирана голема група функционери кои не ги пријавиле своите пари и недвижности во законскиот рок.
„ДКСК редовно ги следи изданијата на Службен весник во однос на исполнувањето на законската обврска за пријавување на имотната состојба и судир на интересите во законски определен рок на лица по нивниот избор или престанок на функцијата. За февруари, според изданијата на Службен весник, констатиравме дека 43 лица кои се именувани или разрешени во месец февруари не ја исполните законската обврска и за нив ќе биде издаден прекршочен платен налог кој е казнив, истакна претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ.“
На самиот крај од седницата, ДКСК донесе одлука и за проширување на официјалниот регистар на лобисти во државата.
Комисијата издаде решение со кое Билјана Јовановска од Скопје се запишува како лобистка за прашања од секторот труд и социјална политика.

Македонски



