Skip to main content

Прилепски и Народен театар Битола на 20 и 21 февруари со „Црнила“ и „Црно семе“ гостуваат во МНТ

Театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп / Сцена од претставата „Црнила“

Народен театар Битола и Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставите „Црно семе“ во режија на Андреј Цветановски и „Црнила“ во режија на Дејан Пројковски гостуваат на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) на 20 и на 21 февруари.

Романот „Црно семе” на Ташко Георгиевски е еден од антологиските романи кои зборуваат за Македонецот и неговата судбина.

Со претставата се обидовме да се потсетиме на една голема голгота на македонците од Егејска Македонија после втората светска војна и нивните трагични судбини. Таа нивна приказна треба да биде запишана во нашиот генетски код како народ бидејќи е потребно приказната да остане жива. Приказната за издржувањето и приказната за останување свој. Бидејќи ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа да се сеќаваме на Доне, Христо, Парис, Марко, Нико, Димо, Ѓорѓи , Јане, Ангелина и нивните имиња, вели режисерот Цветановски.

„Црнила“ е работена по текст на македонскиот драмски писател Коле Чашуле и е психолошко-политичка драма што ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговор и идеолошка дисциплина.

Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, гледаме човечка слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта. Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки: тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста да се избори за сопствено мислење и морален избор.

Поврзани вести