Skip to main content

Премиера на театарската претстава „Хелверовата ноќ“ во Охрид на 17 ноември

На 17 ноември во 20:00 часот, на малата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев” во Охрид, ќе се одржи премиерната изведба на претставата „Хелверовата ноќ”, во продукција на ЗУКЦ МЕДИА АРТЕС Охрид.

Претставата е во режија на Александар Јовановски, а во неа играат Даријан Петров и Јасмина Билаловиќ.

Базирана на истоимената драма на најпознатиот современ полски драматург, режисер и професор Ингмар Вилквист (алијас Јарослав Свијершч), напишана во 1999 година, претставата на суптилен и потресен начин ја прикажува чудната врска помеѓу мајка и посинок – млад човек со посебни потреби. Преку слоевитиот однос мајка-дете, старател-штитеник, брат-сестра, маж-жена, џелат-жртва, авторот гради интимна приказна за две различни суштества кои се обидуваат да најдат смисла и сигурност во свет кој секоја „различност” ја дочекува со насилство и осуда.

Во атмосферата на тоталитарниот, фашистички занес од 1930-тите, „Хелверовата ноќ” ја разоткрива трагичната судбина на оние кои не припаѓаат на мнозинството – оние за кои едноставно нема место во таков свет.

Билетите за премиерата можат да се купат на билетарата на „Григор Прличев” – Охрид, секој работен ден од 10:00 до 17:00 часот и на денот на изведбата од 10:00 до 20:00 часот.

Проектот е дел од Годишната програма на ЗУКЦ Медиа Артес, финансирана од Општина Охрид.

Поврзани вести