Поемата „Никогаш пред ил’ потем“ пријавена под шифра „Хидаспес“ е избрана за најдобра на отворениот конкурс што секоја година се доделува во чест на охридскиот и македонски поет и преродбеник Григор Прличев.
Одлуката посочената поема да биде избрана за најдобра на конкурсот била донесе едногласно од страна на Комисијата во состав Славе Ѓорго Димоски – претседател и Бранко Цветкоски и Димитар Пандев како членови.
Од вкупно 13 пристигнати ракописи, пет од нив биле издвоени заради поиздржани естетски, стилски, композициски и содржински квалитети. Во потесен избор за наградата влегле поемите „Никогаш пред ил’ потем“ и „Питагорин сведок“, информираат од охридскиот Центар за култура што го носи името на Прличев.
Авторот на наградената поема „Никогаш пред ил’ потем“ авторството ќе го докаже со доставување на оригиналниот примерок.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на Манифестацијата „Прличеви беседи“ што секоја година се одржува на крајот на февруари кога се одбележува годишнината од смртта на охридскиот Хомер.