
Со наградуваната претстава „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ вечерва во Скопје во 19 часот се отвора четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театари „Игор Маџиров“ во организација на Театарот за деца и младинци (ТДМ). Фестивалот трае до 18 октомври и ќе бидат прикажани шест претстави. Слоганот на годинашното издание е „Сцена за сечиј сон“, а селекторка на Фестивалот е Драгана Милошевски – Попова.
На отворањето ќе присуствуваат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
В. д директорката на ТДМ, Фросина Карловицс, на средбата со новинарите кажа дека Фестивалот повторно ќе биде град на детската имагинација.
Режисерот Игор Ивковиќ, член на Советот на фестивалот, изјави дека шесте претстави избрани за официјалната селекција се занимаваат со малку поважни, не толку розови светови што сме навикнати да ги гледаме во детско-младинската театарска продукција.
Утре (16 октомври) од 11 часот во Албанскиот театар игра „Играј со мене!“ на Андреј Бока, претстава на Детскиот театар од Суботица. Вечерта од 19.30 часот, на истата сцена е „Малата Фрида“ во продукција на Градскиот театар „Жар птица“ од Загреб. Претставата во режија на Аница Томиќ е приказна за детството на сликарката Фрида Кало.
На 17 октомври во ТДМ се „Свадби на животни и нешта“ (11 и 13 часот) на Георги и Раја Господинов на скопскиот „Театар на сенки и облаци“ и „Прозорецот“ (19:30 часот) на Давид Зуазола од Темишвар, Романија.
„Како оздраве штурецот“ на Никола Завишиќ од Белград е визуелно богата претстава за детската тага и начинот на кој играта и хуморот стануваат јазик на самоисцелување. Ќе гостува на 18 октомври на сцената на Театар Комедија од 12 часот. Фестивалот ќе заврши со „Сино“ на атинскиот „Хоп Сињор“ од 19:30 часот во ТДМ.
Сите претстави (освен „Франкенштајн“) ќе се натпреваруваат за Гран при за режија и за наградите за најдобри актер, актерка, костимографија и сценографија. Жирито го сочинуваат Игор Третињак (Хрватска), Изабела Новотни (ТДМ) и Јулијана Мирчевска (АСИТЕЖ), а детското жири од седум члена ќе ја додели наградата за најдобра претстава според младата публика.
Фестивалот ќе има и придружна програма – драмско читање и панел-дискусија „Животот на еден современ македонски драмски текст”, работилница за сценско движење под менторство на српскиот актер и режисер Дамјан Кецојевиќ, и креативната работилница „Како се прави кукла”, водена од Ирина Сомборац. Сите три работилници се наменети за млада публика, ученици и млади креативци.
Фестивалот го организира Театар за деца и младинци во Скопје, со Совет во состав Владимир Лазовски (претседател), Игор Ивковиќ, Катарина Илиевска-Силјановска, Винета Дамческа-Мојаноска, Никола Наковски, Ангела Димитровска, Ирена Глигорова и Васил Галевски.