Skip to main content

Нови изданија и средби со над 20 домашни автори на штандот на „Три“ на овогодинешниот Саем на книга

Издавачки центар ТРИ ќе учествува на овогодишниот Саем на книгата, кој ќе се одржи од 23 до 29 април во Спортската сала „Борис Трајковски“. Во рамките на своето претставување, ТРИ најавува повеќе од 16 нови изданија, средби со над 20 домашни автори, како и гостување на авторот Хајс Вилбринк од Холандија.

Програмата опфаќа изданија од различни жанрови, меѓу кои се „Во светот на гладниот дух“ од Габор Мате, „Анксиозната генерација“ од Џонатан Хајт, нов превод на „Чуварот во ’ржта“ од Џ. Д. Селинџер во превод на Румена Бужаровска, како и „Демони“ од Фјодор М. Достоевски.

Во текот на саемот се предвидени и повеќе промоции. На 25 април ќе биде претставен новиот превод на Селинџер, со учество на преведувачката Бужаровска и Калина Малеска. Истиот ден е најавена и промоција на „Ѕверовите“ во разговор со Дарко Лешоски, како и претставување на романот за деца и млади „Тринаесеттиот“ од Лидија Димковска. На 27 април ќе биде промовиран романот „Обликот на водата“ од Андреа Камилери, а на 28 април поетската книга „Метаверзум“ од Ристо Лазаров.

Целосната програма, како и календарот на настани и потпишувања со автори, ќе бидат објавени на социјалните мрежи на ТРИ. За време на саемот се најавени и попусти на изданијата, кои ќе важат и во книжарниците и на платформата kniga.mk.

Поврзани вести