
Со мотото „Отвори прозорец кон нови светови“ од денеска до 29 април во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржува 38. Саем на книга, чие отворање годинава се совпаѓа со Светскиот ден на книгата и авторското право.
Во текот на седумте саемски денови организатприте од Скопски саем очекуваат 30 000 посетители, повеќе од 130 промоции на наслови и автори, како и присуство од над 60 издавачки куќи. Најавена е богата програма со специјални попусти и промоции на нови изданија, средби со автори, книжевни панели и интерактивни работилници.
Саемот на книгата останува еден од најзначајните културни настани, кој ја обединува публиката од целата земја и од странство, ја поттикнува читачката култура и создава простор за поврзување меѓу авторите, издавачите и читателите. Во последните години особено се забележува зголемено присуство на младата генерација, која сè повеќе се враќа кон хартиената форма на книгите и придонесува кон високата посетеност на настанот, се наведува во соопштението.
Меѓу ексклузивните гостувања на странски автори се американската авторка на психолошки трилери Сара Пеканен, како дел од програмата на „Арс Ламина“, преку издавачката куќа „Сакам книги” доаѓа италијанската писателка Виола Ардоне – авторка на популарната книга „Возот за деца“, која веќе доби и своја адаптација на „Нетфликс“. На штандот на издавачкиот центар „ТРИ“ ќе гостува холандскиот автор Хајс Вилбринк, „Антолог“ најави гостување на авторката на трилери Ирса од Исланд, а чешкиот писател Јиржи Хајичек е специјален гостин на „Славика либрис“.
Работното време на Саемот на книга е од 10 до 20 часот. Со секоја купена редовна влезница за саемот ќе бидат донирани средства на СОС Детско село. Влезниците се достапни и онлајн на: https://www.karti.com.mk/saem-na-kniga-2026.nspx
Саемот на книга и оваа година е поддржан од Министерството за култура и туризам. Свечено ќе биде отворен денеска во 13 часот во присуство на неговите организатори и претставници на издавачките куќи, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Како што е најавено од организаторите, официјално за отворен ќе го прогласи претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

Македонски


