Skip to main content

„Нема време за одмор“ e изложба на новиот уметнички колектив „Орион“ денеска во Охрид

Новооснованиот уметнички колектив „Орион“ ја започнува својата работа со уметничка колонија и изложба насловени „Нема време за одмор“, кои од 20 до 30 јули се одржуваат во Охрид.

Завршната изложба ќе биде отворена на 29 јули во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Проектот претставува алтернативна културна иницијатива насочена кон забавување на брзото темпо на секојдневниот живот и создавање простор за набљудување и доживување на уметноста, но и за развивање на човечките врски и интеракции што таа може да ги поттикне.

За создавање на своите дела, уметниците ги користат природните ресурси и локалното опкружување – сонцето, водата, природата и мотивите карактеристични за Охрид.

„Работиме за време на одмор, за да имаме одмор“, порачуваат од колективот, сумирајќи ја идејата на проектот и односот меѓу творештвото, секојдневието и потребата од забавување.

Уметничкиот колектив „Орион“ го сочинуваат Благоја Стојаноски, Ана Томовска, Андреј Антевски, Марија Ќурчиева и Михаил Паскоски.

Поврзани вести