Skip to main content

Ангелов: Велешките пожарникари заштитија две села од пожарот, кој од Велес премина во Зелениково и во општина Студеничани

Во овој момент активен е пожарот, кој од Велес премина во Зелениково. Благодарност до велешките пожарникари кои значително го намалија и заштитија две загрозени села. Во Македонски Брод пожарот е значајно намален. Имаме пожар на територија на општина Студеничани село Рамни Габер, но тој е оддалечен и не загрозува ниту едно село, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов давајќи пладневен преглед за состојбата со пожарите во државата.

Карактеристичко за сите пожари, посочи тој, е тоа што никаде не гори квалитетна борова шума или друг тип шума.

Во овој момент нема загрозени села. Депонијата во Кратово е целосно затрупана и не претставува опасност за загадување на воздухот. Во текот на вчерашниот ден имавме 29 пожари на отворен простор. Благодарение на брзата реакција, а понекогаш и повеќечасовната борба на пожарникарите со пожарите 23 од нив беа изгаснати во текот на вечрашниот ден и во ноќните часови, додека шест се активни ова утро,, рече Ангелов.

Тој потсети дека синоќа имаше вистинска драма во селото Чаниште оддалечено 30 км од Прилеп.

Огнот навлезе меѓу селските куќи, но според информации кои ги добив додека бев во селото не е изгорена ниту една куќа во која живеат останатите жители во селото. Сите жители на селото ноќта ја поминаа во своите домови. Изгорени се неколку стари и напуштени куќи, можеби некои од нив се користеле за престој на нивните сопственици, рече Ангелов.

Посочи дека денеска овој пожар ќе го стават под целосна контрола.

Втората ситуација ја имавме синоќа на пожарот на територијата на општина Јегуновце кој навлезе во атарот на селото Туденце и го загрози блискиот манастир. Упатив неколку тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и тоа од доброволци од Гостивар, од доброволното друштво „Чаир“ од Скопје и едно друштво од Тетово, истакна Ангелов и воедно апелираше до граѓаните да бидат исклучително внимателни бидејќи е доволна само искра за вистина катастрофа.

Поврзани вести