Skip to main content

Унгарија го „крева“ Дунав за да ја спаси нуклеарната централа Пакш

Wikipedia

Унгарија презема итни и несекојдневни мерки поради историски нискиот водостој на Дунав, кој сериозно го загрозува работењето на нуклеарната централа Пакш, една од клучните точки на енергетскиот систем на земјата.

Во близина на централата веќе се спроведува операција со која треба да се зголеми нивото на реката кај системот за довод на вода за ладење. Дел од мерките вклучуваат контролирано потопување на две баржи долги околу 80 метри, кои треба привремено да го забават протокот и да го подигнат нивото на водата. Паралелно, се пренасочува вода кон Дунав, а се работи и на подводна преграда во речното корито.

Ситуацијата е сериозна затоа што Пакш за ладење на реакторите се потпира на водата од Дунав. Поради нискиот водостој, централата веќе работи со значително намален капацитет. Претходно овој месец производството падна на околу 10 отсто од нормалниот капацитет, а потоа делумно се опорави. Во моментов работат само два турбогенератори со вкупна моќност од околу 500 мегавати, односно приближно една четвртина од инсталираниот капацитет од 2.000 мегавати.

Унгарските власти сега се тркаат со времето. Според најновите прогнози, во следните два дена Дунав кај Пакш може дополнително да се намали за уште осум до девет сантиметри. Токму затоа итните градежни работи се забрзани. Премиерот Петер Маѓар денеска изјави дека е постигнат „огромен напредок“ во работите, но предупреди дека наредните денови ќе бидат критични.

Покрај баржите, Унгарија гради и трајно решение – подводна преграда во коритото на Дунав, која треба да го подигне нивото на водата кај системот за ладење за значително повеќе од привремената интервенција. Според досегашните планови, ваквата структура би можела да го зголеми нивото за околу еден метар.

Колку е сериозна состојбата покажува и примерот од соседна Романија. Таму нуклеарната централа Чернавода, која исто така го користи Дунав за ладење, остана без двата реактори поради недостигот на вода. Централата вообичаено обезбедува околу 20 отсто од електричната енергија во Романија.

Нискиот Дунав, кој последниве недели достигна рекордно ниски нивоа на повеќе места долж својот тек, така прераснува од хидролошки во енергетски проблем за регионот. Во Будимпешта и други делови од Унгарија повлекувањето на реката откри големи делови од речното корито, додека кај Пакш последиците веќе директно се чувствуваат во производството на електрична енергија.

Унгарија засега се обидува да спречи сценарио кое би било без преседан во 44-годишната историја на Пакш – целосно исклучување на централата поради недостиг на вода за ладење.

Поврзани вести