
Еден од највпечатливите македонски пијанисти од новата генерација, Арда Мустафаоглу, на 22 август ќе настапи во Битола, во UTOPIA, во рамки на специјалната концертна вечер „88 KEYS – UTOPIA AFTER DARK“. Негов гостин на сцената ќе биде младиот македонски виолинист Јаков Ангелов, кој својата музичка кариера ја гради во Германија.

88 клавиши и една виолина ќе бидат доволни за една од оние августовски вечери во Битола во кои класичната музика ќе излезе од вообичаениот формат на големата концертна сала и ќе се пресели на само неколку метри од публиката.
Во центарот на вечерта е Арда Мустафаоглу, роден во Скопје во 2002 година, пијанист чија меѓународна кариера започнува уште во најраните години и кој денес, на само 23 години, зад себе има биографија што значително ја надминува неговата возраст.
На околу 25 меѓународни пијанистички натпревари Мустафаоглу има освоено 21 прва награда, Grand Prix, награди од публика и специјални признанија. Меѓу нив се награди на натпревари во Венеција, Париз, Истанбул, Верона, Минхен и Хамбург.
Меѓу позначајните признанија се Grand Prix на EMCY натпреварот во Истанбул, прва награда на „Antonio Salieri“ во Верона, награди на Città di San Donà di Piave во Венеција, International Piano Competition Ile de France во Париз, Munich Piano Competition и Elise Meyer Foundation Competition во Хамбург.
За својот придонес во меѓународната културна афирмација на Скопје е добитник и на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.
Неговата концертна биографија веќе опфаќа настапи низ Германија, Франција, Италија, Белгија, Турција, Грција и други европски земји. Настапувал со Македонската филхармонија, Sofia Sinfonietta, EOS Quartet и Marmara Quintet, а меѓу неговите концертни станици се Париз, Бон, Келн, Ахен, Истанбул и други европски центри.
Својот пијанистички развој го градел со имиња како Evgeni Koroliov, Michel Béroff, Denis Pascal, Boris Berezovsky, Jean-François Heisser, Chantal Stigliani и други истакнати европски педагози и пијанисти.
Мустафаоглу дипломирал на Hochschule für Musik und Theater Hamburg, во класата на проф. Anna Vinnitskaya, а денес своето образование го продолжува на магистерски студии кај реномираниот пијанист и педагог Александар Сердар на Академијата за музика во Љубљана.
На битолскиот концерт на Арда ќе му се придружи Јаков Ангелов, македонски виолинист од новата генерација.
Ангелов започнува да свири виолина на шестгодишна возраст во ДМБУЦ „Илија Николовски–Луј“ во Скопје, а образованието го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Денес студира на Hochschule für Musik Detmold во Германија, во класата на проф. Ulrike-Anima Mathé.
Добитник е на награди на национални и меѓународни натпревари, а искуството го гради како солист, камерен и оркестарски музичар. Настапувал со ансамбли како камерниот оркестар ARKO и „Profundis“, како и со други состави во Македонија и Германија, а публиката го слушала и на фестивалите „Охридско лето“ и „Скопско лето“.
Арда и Јаков веќе настапувале заедно – во октомври 2025 година Ангелов му се придружи на Мустафаоглу на неговиот солистички рецитал во Скопје за изведбата на Chaconne во g-moll од Tomaso Vitali.
Токму нивната повторна средба е основата на „88 KEYS – UTOPIA AFTER DARK“.
Наместо дистанцата на големата концертна сала, UTOPIA го поставува пијаното непосредно пред публиката. Ограничен број гости, пригушено светло, пијалак за добредојде и можност двајца млади македонски музичари со европски кариери да се слушнат од растојание од само неколку метри.
Името „88 KEYS“ доаѓа од 88-те клавиши на стандардното пијано – 52 бели и 36 црни.
Концертот ќе се одржи на 22 август, со почеток во 20:00 часот во UTOPIA во Битола.
Со „88 KEYS“, UTOPIA ја завршува августовската програма со вечер посветена на новата генерација македонски музичари кои своите кариери ги градат на европските сцени – а една летна вечер се враќаат дома за да свират пред македонската публика.

Македонски


