Skip to main content

Националните театари ќе гостуваат во Драмски театар Скопје во чест на одбележувањето на јубилејот на театарот

Со гостувања на националните театри од денес Драмски театар продолжува со активностите во чест на одбележувањето на 80-годишнината на театарот.

Манифестацијата е замислена како повеќедневна културна платформа на гостувања и средби што ќе ја афирмира продукцијата на македонските театри пред публиката во Драмски. Под мотото „Еден е Драмски!“ се организирани гостувања на кои се поканети сите професионални театри од националните установи во Македонија да учествуваат со по една своја претстава на сцените на НУ Драмски театар Скопје.

Насловот „Еден е Драмски!“ го одбравме затоа што сметаме дека е едноставен, непретенциозен, но сепак моќен и емотивен. Ја сугерира топлината на нашиот објект, уникатноста на салонот и местото на уметнички вознес на театарска публика. Генерациите актери и „театарџии“ што своето образование го стекнале на Факултет за драмски уметности и останатите факултети и уметнички академии, Драмски театар го доживуваат како своја сцена. Впрочем, повеќето од нив своите дипломски претстави ги играле токму на сцената на Драмски. Оттука, во годината кога го прославуваме големиот јубилеј од осум децениското битисување ги отвораме сцените на театарот и силно веруваме дека годинава со сите активности што ги подготвуваме Драмски е средиштето на театарскиот живот во Македонија, кој потсетува на историското, културното и уметничкото значење на театарот“- вели директорот Роберт Вељаноски.

Од вечерва во наредните две недели ќе настапат националните театри и тоа: „Народниот театар Битола“, „Народен театар Охрид“, театарот „Јордан Х.К. Џинот“ од Велес и “Театарот за деца и младинци“. Во текот на месец мај ќе гостуваат и „Албански театар Скопје“, театарот „Антон Панов“ од Струмица и „Турски театар“.

Во текот на годината на прославата на големиот јубилеј, ќе гостуваат останатите национални театри од Македонија како и театарски куќи од регионот.

Вечерва со почеток во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“ Народниот театар од Битола ја игра комедијата „Кокошка“ на авторот Николај Кољада. Режијата е на Марјан Георгиевски. Улогите се доверени на актерите: Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Николче Пројчевски. Уметничкката екипа ја сочинуваат сценографот Валентин Светозарев, костимите се на Благој Мицевски, драматурге Оливера Павловиќ, светло Игор Мицевски, испициент е Оливер Петровски и суфлер Мирјана Христовска.

Драмaтургот Оливера Павловиќ за претставата вели: „Николај Кољада – „сонцето на руската драматургија“, како што самиот еднаш се нарече, и како што го нарекуваат, кој иронично, кој со уважување, театарските дејци ширум светот – веќе три децении предизвикува голем интерес во театарскиот свет. Неговите пиеси се поставувани во најзнаменитите театри во Русија, преведени се на многу јазици и се изведуваат во Германија, Италија, Англија, САД, Швајцарија …

„Феноменот Кољада“ во театарот не е случаен: тој е извонреден драматург – неговите пиеси се интересни за анализа и во нив има за што да се размислува. Кољада е можеби суров во својот натурализам, тој не нуди лажна утеха за животот таков каков што е, но и не го остава човекот без потпора во неговата потрага да се извлече од празнината и небитието. Прифаќајќи ја драмата на својот живот како свој живот, неговите ликови создаваат можност да се прифатат себеси како луѓе, а со тоа и светот светот на сопствените можности како добар свет за себе“- потенцираше Павловиќ.

Гостувањата продолжуваат на 5 мај ( вторник) со изведбата на претставата „Парите се отепувачка“ на „Народен театар Охрид“. Режијата и адаптацијата на текстот на Ристо Крле го направи режисерот Андреј Цветановски. Сцена, костими и видео дизајн ги изработи Сергеј Светозарев, а музиката Димитер Андоновски. Инспициент на претставата е Филип Ангеличин – Жура.
Во претставата играат: Стрезо Стаматовски, Филип Кипровски, Марија Новак, Адријана Билаловиќ – Тодороска и Никола Тодороски.

Во режисерската белешка Андреј Цветановски појаснува:

Текстот „Парите се отепувачка“ спаѓа во класиците на македонската драматургија и како таква секогаш е подложна за нови сценски прочити. А тоа е можно затоа што темата е секогаш универзална: која е жртвата што ја прави оној што оди на печалба, но и која е жртвата на семејството кое останува и чека печалбарот да се врати? Дали вреди животот да се стави на пауза заради соништата на семејството? Дали изгубеното време се надоместува со било кои пари? Низ овие поставени прашања, се обидовме да направиме античка трагедија низ македонскиот мелос од битовата драма на Ристо Крле“. – вели Цветановски.

На 6 мај во 20 часот се игра претставата „ Вечера за глупаци“ на театарот „Јордан Х.К. Џинот“ од Велес. Автор е Франсис Вебер, а режисер Ненад Витанов. Во уметничкиот тим се сценографот Филип Коруновски, костимографот Раде Василев, а аудио дизајнот го изработи Сашко Костов. Инспициент на претставата е Славиша Ѓеоргиев, а суфлер Орхидеја Дукова.

Во поделата на улоги е актерската екипа: Жарко Спасовски, Сандра Танчева, Јордан Витанов, Фаик Мефаилоски, Благојчо Стојанов, Талија Настова, Кире Ацевски и Сашко Костов како гласот на Мено.

На 9 мај (сабота) во 19 часот на сцената во Драмски гостува „Театарот за деца и младици“ со претставата „Садако сака да живее“. Претставата е работена по мотиви од истоимениот роман од Карл Брукнер. Режија и драматизација на претставата се на Тамара Кучиновиќ, сценограф е Давор Молнар, костимограф Зденка Лацина-Питлик. Улогите ги играат: Анастасија Ласовска, Никола Наковски, Ана Левајковиќ-Бошков, Катарина Илиевска-Силјановска, Изабела Новотни и Марија Ѓорѓијовска.

Во режисерската белешка за преставата се вели: „Садако сака да живее“ е сеќавање. Сеќавањето на еднo сосема обично момче за една сосема посебна личност, едно девојче. Сеќавање на Садако Сасаки. Неговата помала сестра. Садако Сасаки е вистинска личност. Родена е на 7.1.1943 година, во Хирошима. Името Садако доаѓа од јапонскиот збор Сада. Сада значи среќа. А Садако токму тоа и беше. Среќно девојче, нежно, со чисто и отворено срце, со длабоки, мудри очи. Беше мала, а голема. Мирна, а смела. Нежна, а упорна. Тврдоглава, а кротка. Покрај неа обичниот живот изгледаше исполнет, шарен, полн со мириси. Го сакаше мирисот на цреши во цут, темно црвените размачкани на уста во лето, црешите зад увото и плукањето семки во далечина. Секој дар на животот на земјата знаеше да го искористи до крај. Секоја најмала ситница за неа беше игра. Живот. За жал, Садако се роди токму во пикот на најголемата војна што некогаш го опустошила светот. Втора светска војна. За жал, таа душа, таа среќа, го доживеа паѓањето на атомската бомба на Хирошима на 6.8.1945 година и почина од последиците на зрачењето 10 години подоцна. За жал, таа душа, таа среќа, почина на неполни 13 години, на 25.10.1955 година. Претставата „Садако сака да живее“ не е претстава за смртта, туку за животот. Тоа е претстава/сеќавање на волјата, силата и желбата за живот. За нејзината волја. За радоста за животот во секој момент. Садако Сасаки никогаш не се откажа од животот. Во надеж дека ќе оздрави, изработи скоро 1000 жерави од хартија. Зашто таа душа, гладна за живот, до последниот момент верувала во животот, во тоа дека јапонската легенда за 1000 жерави ќе ја победи смртта. И покрај тоа што јапонската легенда за 1000 жерави не се исполни, Садако стана една од најзначајните личности на 20-тиот век, и денес. Садако претставува главен симбол на мирот и отпорот. Затоа, ова е претстава за животот, за љубовта, за силата и волјата. Претставата е посветена на сите деца настрадани во војна. Во сите војни кои некогаш биле, и кои за жал ќе бидат. Садако Сасаки станува светски симбол за мир. Симбол на невиност, волја за живот и детски соништа за посветла иднина кои не стивнуваат ни во најтешките моменти. Во надеж дека можеби, но само можеби, еден ден нејзиниот глас ќе стигне таму каде што треба. Сеќавањето на Садако е сеќавање на мирот. Без преголема претенциозност, претставата „Садако сака да живее” сака да го шири тоа сеќавање. Сеќавање на една сосема нежна среќа. На девојче. Мало, а големо. Обично, а важно. Садако“- е запишано во програмската белешка.

На 19 мај се претставува НУ „Албански театар од Скопје“ со претставата „Да лажеш или да не лажеш“ работена по текстот „Лажлив вид“ од Ентони Нилсон. Режисер е Шкумбин Истрефи, сценограф е Енес Деари, костимограф Амра Исмани, композитор Арта Абази. Улогите во претставата ги играат: Висар Етеми, Блерим Дарлишта, Осман Ахмети,Теута Ајдини Јегени, Фисник Зеќири, Дритеро Аме, Гентиана Рамадани и Мелика Кастрати.

Во програмската белешка за претставата се вели: „Претставата „Да лажеш или да не лажеш“ е класична комедија со елементи на водвил, комедија на ситуација, недоразбирања и карактери што предизвикуваат хистерична смеа речиси на секоја трета реплика. Двата главни лика полицајци, од кои едниот (наводно) е поумен, а другиот понаивен имаат тешка задача да им ја соопштат на постари родители „смртта“ на нивната ќерка во сообраќајна несреќа, во ноќта на Божиќ. Нијансите на црната комедија што го следат целиот текст создаваат ситуации кои постојано го одржуваат интересот на публиката до самиот крај. Во текот на претставата се случуваат и други „смртни случаи“, кои на крајот се покажуваат како лажни“.
Со манифестацијата „Еден е Драмски“ се очекува да се збогати културната понуда за публиката и да се поттикне интересот кај младата публика и пошироката јавност за проектите на националните театри во Македонија и од другите театарски центри во регионот.

Преку средбите на театарските работници ќе се валоризира вредноста на размената на искуства, идеи, презентација и запознавање на архивски маретијали како и современ уметнички театарски израз со што ќе се зацврсти соработка меѓу театарските институции.

Поврзани вести