
Регионалната координација и инвестициите во инфраструктура беа во фокусот на првиот панел од Регионалниот форум за управување со отпад, посветен на градењето функционален систем во Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Дискусијата ја отворија Стевче Стевановски, градоначалник на општина Новаци и претседавач со Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО), Ана Каранфилова-Мазневска, раководителка на секторот за управување со отпад во Министерство за животна средина и просторно планирање, Андриана Стојановска, државен советник за регионален развој во Министерството за локална самоуправа, Пеле Халберг, експерт за управување со отпад од Регионалното ЈКП за управување со отпад од Јавле, Шведска и Емил Ангелов, тим лидер во SALAR International.
Беше истакнато дека формирањето на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) претставува клучен чекор напред, овозможувајќи платформа за заедничко донесување одлуки, усогласување на приоритетите и координирано планирање на инвестициите. Преку овој механизам, општините за првпат имаат можност да делуваат организирано и координирано.
Паралелно, беше нагласено дека без соодветна инфраструктура не е можно воспоставување функционален систем. Како приоритети беа издвоени изградбата на регионалниот центар за управување со отпад, развојот на претоварните станици и собирните центри, како и обезбедувањето современа опрема за општините. Панелистите посочија дека станува збор за постепен процес кој бара внимателно фазно спроведување и целосна усогласеност со европските стандарди.
Посебен акцент беше ставен на самиот концепт на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО), кој беше претставен како интегриран пристап што опфаќа изградба на регионална инфраструктура, затворање на постојните депонии и воспоставување модерна управувачка структура. Беше истакнато дека имплементацијата на овој систем ќе донесе значајни придобивки – подобро јавно здравје, заштита на животната средина и поефикасни јавни услуги.
Искуствата од Шведска дополнително ја потврдија важноста на долгорочното планирање, стабилната институционална рамка и континуираната соработка меѓу сите засегнати страни како клучни фактори за успех на ваквите системи.
Во вториот дел од панелот, фокусот се префрли на регионалното планирање како алатка за имплементација. Беше нагласено дека новиот Регионален план за управување со отпад, заедно со локалните акциски планови, ќе овозможи преточување на стратешките цели во конкретни и остварливи активности. Во тој процес, значајна улога имаат поддршката од експерти, собирањето и користењето на податоци, како и обезбедувањето транспарентност и инклузивност.
Панелистите се согласија дека меѓуопштинската соработка е суштинска за забрзување на реформите, но и дека постојат предизвици, особено поради различните капацитети на општините. Како решенија беа посочени континуираната координација, споделената одговорност и активната комуникација меѓу институциите и со граѓаните.
Како заклучок, беше нагласено дека искуствата од други земји, како и примерите од регионот, покажуваат дека функционален систем е возможен, но бара јасна визија, партнерство и доследна имплементација.

Македонски



