
Драмски театар Скопје втора година по ред не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години, беше соопштено на денешната прес-конференција.
Наградата „Горан Стефановски“ ја востанови Драмски театар и добитникот требаше да биде прогласен на денот на раѓањето на македонскиот драмски великан, но втора година по ред Комисијата одлучува оваа награда да не биде доделена.
На конкурсот пристигнале три драмски текста од тројца автори, а Комисијата во состав: Викторија Рангелова-Петровска, (драматург и претседател на Комисијата) и членовите: Жанина Мирчевска (драматург), Венко Андоновски (книжевен теоретичар), Дејан Лилиќ (актер првенец) и Димче Николовски (режисер), по анализа на доставените дела, едногласно одлучила наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години, да не се додели.
Во образложението на одлуката што го прочита Рангелова-Петровска се вели:
Комисијата потврди дека доставените текстови се испишани во драмска форма, воразличен жанр и стил. Обработуваат теми инспирирани од лични и општествени состојби. Доставените дела немаат целосно изградена и развиена драмска структура. Карактерите во делата се еднодимензионални и повеќе се функции одошто карактери кои го градат драмското дејство. Дијалозите се непотребно реторични, информативни или банални. Комисијата заклучи дека доставените драмски материјали имаат потенцијал, но развиени се до ниво на драмски скици/зачетоци, на кои им е потребна доработка за да прераснат во квалитетни драмски текстови. Комисијата смета дека квалитетот мора да биде единствен критериум за доделување на наградата. Поради малиот број на пристигнати дела се доставени три предлози за измени во правилникот: да се зголеми возрасната граница за авторите, целосно да се отстрани ограничувањето на возраста и да се размисли за трансформација на наградата во награда за развој на драмски текст и негова сценска реализација.
Директорот на театарот, Роберт Вељановски истакна дека и покрај недоделувањето на наградата и во втората година од востановувањето, целосно стои зад одлуката на комисијата и изрази заложба дека со големо внимание ќе биде разгледан предлогот на Комисијата за можноста за промена на критериумите во Правилникот за Конкурсот за драмски текст за наградата „Горан Стефановски“.
Апсолутно ќе повторам – застанувам зад одлуката на комисијата. Едноставно сметам дека контрапродуктивно ќе биде да се награди нешто што не е квалитетно. Сега засега, тука некаде се движат нашите размислувања и во скоро иднина, многу брзо, ќе мораме да донесеме некакво решение со кое ќе ја затвориме оваа приказна. Горан Стефановски е амблем на овој театар и тој момент е неспорен. Ние нему му должиме да се бориме за квалитетни драмски текстови. Тој е човекот којшто на крајот на краиштата, повеќе од две-три децении ги едуцираше македонските драматурзи. Од неговите класи и генерации излегоа сериозни драмски писатели: Дејан Дуковски, Сашко Насев, Викторија Рангелова, Жанина Мирчевска, Југослав Петровски… луѓе коишто навистина оставиле печат во македонската драматургија, изјави на денешната прес-конфренција Вељановски.
Горан Стефановски почина во 2018 година. Автор е на култните драми „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар Маало“ и ред други и беше еден од авторите на најпопуларната ТВ-серија „Бушава азбука“.

Македонски



