Skip to main content

МНТ прв во регионот ја поставува „Страв и недеж“ во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, премиерата е на 22 април

​Македонскиот народен театар (МНТ) е прв театар на просторите на поранешна Југославија кој ја поставува претставата „Страв и надеж“ од Франц Ксавер Крец, најпознатиот и најизведуваниот жив германски драмски автор, а во режија на наградуваната белградска режисерка Татјана Мандиќ Ригонат. Премиерата е на 22 април на големата сцена на МНТ во 20 часот.

Во претставата играат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиевска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Преводот е на Александар Русјаков, сценограф е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа, композитор – Ирена Поповиќ Драговиќ.

Ова е премиера во МНТ, но ова е и премиера во Југославија. Оваа претстава никаде досега не е изведувана. Текстот е објавен пред две години во антологијата на современата германска драма и јас мислам дека ова е важен момент и поради тоа што е ова една праизведба на поширокиот театарски простор. И мислам дека овој текст е круна на неговата уметничка работа, изјави на денешната прес-конференција во МНТ режисерката Мандиќ Ригонат, која ја направи и адаптацијата.

Овој писател е жив класик. Значи, покрај Бертолт Брехт, тоа е најизведуваниот писател од германското говорно подрачје некогаш. И покрај Петер Хандке и Елфриде Јелинек, тој е најзначајниот жив германски драмски писател. Покрај тоа што пишува драми, тој е една живописна личност, а каква личност е, тоа се гледа и во драмите што ги напишал. Тој во текот на животот се бавел со најразлични работи: бил возач, ѕидар, негувател, бил сè и сешто, а паралелно со драмското пишување го развивал и својот актерски израз. Така што нема ништо што тој го напишал, а да не го пробал самиот со себе и да не го одглумил додека го пишувал. И затоа неговите драми се скапоцени за актерите, тие се сјајни за игра и едноставно се задача не само за режисерот како да ги режира, туку се многу инспиративни и за актерите, кажа режисерката на средбата со новинарите.

„Страв и надеж во Демократска Република Германија“ (во оригиналниот наслов), напишан е во 1984 година. А потоа, кога двете Германии се обединија, тој го исфрлил тоа ‘Демократска Република’ и остана само „Страв и надеж во Германија’.

Бидејќи нашата претстава не се случува во осумдесеттите години, туку е временски ситуирана во денешно време, во денешниот момент, насловот на нашата претстава е „Страв и надеж“. Тој страв и надеж може да биде во Македонија, може да биде во Србија, на Балканот, во Европа, во светот. Овие приказни зафаќаат контекст кој е сегашен контекст, а кој совршено го насетува Крец уште во осумдесеттите години. Тоа се години кога Маргарет Тачер и Роналд Реган ја поставија рамката на ова што денес го живееме, а тоа е неолибералниот капитализам. Со тоа што ние денес ги доживуваме врвовите, односно распадот на тој систем и ги чувствуваме драстичните последици од тоа. Но, еве, по којзнае кој пат се испоставува дека во животот не постои ништо што уметноста веќе не го насетила, додаде Мандиќ Ригонат.

„Страв и надеж“ е драмска партитура составена од сцени, кои варираат околу една централна состојба: современиот човек турнат до работ на егзистенцијата. Ликовите живеат под притисок на невработеност, страв од губење работа, чувство на пониска вредност и постојана несигурност. Интимните односи стануваат простор, каде што се прелева целата фрустрација, а човечкото достоинство директно се соочува со суровите механизми на современиот капиталистички систем.

Фотографии од претставата: Стефан Рајхл

Директорот на МНТ, Никола Кимовски рече дека за Националниот театар е посебна чест што режисерката Мандиќ Ригонат ја прифатила поканата да ја режиера претставата.

Нејзиниот професионален багаж е огромен и таа е една од најтрофејните режисерки на овие простори. Нејзиното доаѓање е дел од нашата јасна програмска определба да соработуваме со врвни автори од регионот и пошироко, чиј уметнички интегритет носи нова енергија во репертоарот. Нејзината работа се одликува со психолошка прецизност и храброст да отвора суштински општествени и човечки прашања. Текстот на Крец, по кој е работена претставата, преку мозаик од сцени ја разоткрива суровоста на современото општество и егзистенцијалните притисоци врз поединецот. Ова е драмски материјал што директно зборува за стравот, несигурноста и губењето на достоинството во денешното време. Во таа смисла, „Страв и надеж“ е проект што не нуди лесни одговори, туку отвора суштински прашања за човекот денес вели директорот Кимовски во пресрет на премиерата на „Страв и надеж“.

Актерот Сашко Коцев ​во претставата игра еден ист лик во неколку сцени.

Фотографии од претставата: Стефан Рајхл

И кога ќе размислам, тоа е еден лик којшто се бунтува против општествените прилики, којшто има јад и чемер во себе за некои неправди коишто се случуваат надвор. Има сомнеж внатре, го јадат семејните, брачните односи, го јаде сè одвнатре. Еден многу логореичен тип. Така што не е нешто многу различен од мене вака кога ќе размислам, кажа Коцев.

Дарија Ризова на средбата со новинарите кажа првпат се соочува со ваква необична драматуршка структура.

Ова се фрагменти од сцени со по еден партнер и со долги монолошки форми. Фокусот, како што кажавме на претставата, е на актерската игра и секоја сцена секогаш започнува од веќе зададен, веќе развиен конфликт. И ова се, нели, мали, понижени, експлоатирани луѓе коишто се жртви на општествениот систем и тој систем ги доведува нив до ненормално лудило. Играта се базира на инстинктивна, динамична, брза актерска игра, на граница на апсурд, еве конкретно за мене. Баш типична за луѓе коишто се преполни со страв и нивната неможност и немоќ да се соочат со стравот или барем на некаков си начин да го артикулираат, изјави Ризова.

Следните изведби се на 27 и 28 април. Билетите се пуштени во продажба.

Поврзани вести