
Вечерва, на 15 мај во 20.00 часот во Ликовната галерија на Цептарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата на фотографии „Маркукуле – живо” од Ивана Темелкоска.
Ова е нејзина прва самостојна изложба, поддржана од Министерството за култура и туризам.
„Маркукуле — живо“ претставува фотографски запис на еден ист простор низ различни времиња, состојби и атмосфери, создаден како процес на долгорочно и внимателно набљудување.
Постојат места коишто ги носиме во видното поле толку долго, што на крај престануваме да ги гледаме. Маркукуле е токму такво место – рид длабоко всаден во секојдневието на Прилеп, толку познат, толку секогаш присутен, па затоа и речиси невидлив. Ивана Темелкоска го врати погледот кон него – и со тоа, и нашиот.
„Маркукуле – живо” е изложба која од вас не бара многу – само да застанете и да гледате. А она со коешто ќе ве награди е наизглед обично, а всушност ретко: потсетување дека убавината не е некаде другаде. Таа го менува лицето секој ден, токму пред нашиот прозорец, а сега и пред вашите очи, вели Драги Неделчевски.
Ивана Темелкоска (1989) е дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, но веќе осум години професионално работи како графички дизајнер во агенција за дигитален маркетинг. Активно се занимава со визуелна уметност, а фотографијата е медиумот што во последните години доминира во нејзината работа. Со фотографија се занимава уште од детството, најпрво низ игра и љубопитност инспирирани од професијата и пасијата на нејзиниот татко. Со текот на времето, фотографијата за неа прераснува во начин на доживување на светот и обид барем за миг да се задржи она што постојано ни се лизга низ прсти. Низ објективот учи повнимателно да гледа, да биде присутна и да ја прифати минливоста како дел од убавината на животот. За неа, фотографијата е истовремено и чин на сведочење и пуштање на моментите да продолжат понатаму, со сознанието дека некаде сепак останале зачувани. Проектот „Маркукуле — живо“ започнува за време на пандемијата, во период кога погледот низ прозорецот беше еден од ретките допири со надворешниот свет и природата. Набљудувајќи го секојдневно истиот пејсаж, авторката ги бележи неговите постојани промени — светлината, атмосферата и особено облаците, кои се еден од главните визуелни мотиви во серијата.

Македонски

