
Заштита, конзервација, реставрација и вреднување на културното богатство преку примена на најсовремени стандарди, модерно управување на музеите, дигитализација на архивскиот материјал, обука на професионалци од областа на културата, како и многу поголема мобилност на уметниците и луѓето од креативните индустрии преку учества на фествали, средби и проекти во музичката и театарската уметност, кинематографијата и визулени уметности – предвидува меморандумот за соработка во областа на културата и туризмот, што денеска го потпишаа Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Француската Република во Скопје.

Со меморандумот, како што рече министерот Зоран Љутков, соработката на Македонија и Франција во областа на културата и туризмот се крева на уште повисоко и пооперативно ниво. Тој најави формирање заеднички работни групи, кои ќе почнат со имплементација на планираните активности.
Овој меморандум за мене е посебно значаен зашто отвора можности за заеднички проекти, особено во делот на стручните обуки. Предвидува и експертска француска поддршка, примена на најсовермени стандради за заштита на културното наследство, развој на креативните индустрии, туризмот… Особено радува фактот што ќе добиеме поддршка за конзервација и реставрација на македонското културно богатство, современо управување на музеите, дигитализација на архивскиот материјал и професионално усовршување на кадрите. Заедно ќе настапуваме и во меѓународната соработка, програмите и фондовите – истакна Љутков по потпишувањето.

Според францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, ова е нова етапа во зајакнувањето на односите во културата меѓу двете држави.
Конзервацијата на стари ракописи, византиски фрески и икони на дрво е веќе почанта. Предвидуваме обуки за голем број македонски професионалци, кои ќе стекнат француско знаење и експертиза, а се охрабрува и мобилноста меѓу уметниците, креаторите и професионалците зашто ќе имаат можност да престојуваат во Франција, да учествуваат на фестивали, средби и да бидат дел од разни проекти во музиката, театарот, визулените уметности, кинематографијата… Се предвидува и промоција на културниот туризам – истакна амбасадорот.
За крајот на септември Ле Риголер го најави проектот „Европски дијалози“, во кој ќе бидат вклучени претставници од регионот и Франција, професори и интелектуалци, а ќе се разговара за европската иднина на регионот и идентитетските прашања. Наесен, дополни, ќе има и фестивал на улични уметности, театарски групи од Франција ќе организираат спектакли во Скопје, Битола и Тетово за јакнење на културните врски во Македонија.

Македонски



