Skip to main content

Љутков: Културата и европските престолнини на културата се моќен двигател за одржливиот развој

Министерство за култура и туризам

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој на покана на министерката за култура на Словенија, Аста Вречко, е во дводневна посета на Нова Горица денеска учествуваше на Состанок на министрите за култура од Западен Балкан, соопштија од Министерството за култура и туризам.

На состанокот на кој присуствуваа и еврокомесарите за проширување и за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт Марта Кос и Глен Микалеф беа разменети мислења и ставови за улогата на културата, меѓународните културни проекти вклучително и европските престолнини на културата во функција на одржливиот развој.

Министерот Љутков во своето обраќање потенцираше дека културата и одржливиот развој се една од назначајните теми на современата културна политика.

Културата е моќен двигател за позитивни промени во нашите општества и економии, а нејзиниот потенцијал има особено влијание на унапредувањето на одржливиот развој. . Во светот што се соочува со предизвици на климатски промени, економска нееднаквост и социјална поларизација, културата се јавува како мост што ги поврзува економските, социјалните и еколошките аспекти на развојот на секоја држава“, рече Љутков.

Во контекс на Европските престолнини на културата пак, Љутков, истакна дека нивниот избор во овие 40 години прерасна во една од најамбициозните културни иницијативи на Европа.

фото: Министерство за култура и туризам

Титулата Европска престолнина на културата е можеби една од најдобрите можности за збогатување на нашата културна сцена, како и за создавање трајни ефекти на економски, социјален и еколошки план. Активностите во овој процес ја стимулираат и поддржуваат мобилноста на уметниците и размената на знаења и искуства на културните професионалци“, рече Љутков.

На состанокот беа споделени и најдобрите практики за меѓукултурниот дијалог преку билатерални и мултилатерални соработки, а се дискутираше и за зајакнување на улогата и можностите кои ги дава културата особено во процесот на проширување.

Нашата земја, како дел од глобалната културна мрежа, активно учествува во различни меѓународни културни иницијативи и програми за размена на уметници и културни работници. Со нивна помош, нашите уметници имаат можност да покажат свои дела на светската сцена и да ги збогатат своите искуства, но исто така и да научат од другите култури, што е одличен начин за создавање на силни и долготрајни културни врски“, рече Љутков.

Во рамки на престојот во Словенија министерот Зоран Љутков, денеска, во организација на Македонското културно друштво „Охридски бисери“ од Нова Горица, ја посети изложбата на Боре Митовски „Во облаци“ поставена во реновираната галерија „Стопа“, а во текот на вчерашниот ден го проследи и свеченото отворање на „Еврпска престолнина на културата 2025!Нова Горица/Гориција“.

Поврзани вести