
Македонија мора активно да работи на дигитализација на македонскиот јазик и зголемување на неговото присуство во тренирањето на големите јазични модели, со цел да се обезбеди контрола врз сопствениот наратив, култура и поглед кон светот во ерата на вештачката интелигенција, порачува новоизбраниот дописен член на МАНУ и раководител на проектот за национална фабрика за вештачка интелигенција „Везилка”, професор д-р Димитар Трајанов.
„Времето што доаѓа, на вештачка интелигенција, значи дека младите, па и сите ние, веќе за кое било прашање се обраќаме до ЧатГПТ или Џемини и тоа што тој ќе го одоговори веќе не го ни проверуваме дали е точно. Ако ние како нација немаме доволно свои информации за нашата култура и поглед кон светот, на платформите базирани на вештачка интелигенција ќе бидат прикажани информации од други држави и култури, кои можеби не се согласуваат со нашите погледи“, нагласува Трајанов и повикува граѓаните и институциите да донираат текстови на македонски јазик во рамки на проектот „Везилка“, кои потоа ќе се обработат за подобрување и градење на македонскиот јазичен корпус.
Според Трајанов, неспорно е дека сме помала нација, но, како што нагласува, треба да сфатиме дека дигитализацијата треба да биде работа на секој еден од нас.
Во однос на најавените инвестиции во Национален дата центар во вредност од околу шест милиони евра, Трајанов вели дека тоа е малку, ако се спореди со тоа што го инвестираат земјите од регионот и нагласува дека националните дата центри се неопходни „за ние да можеме да имаме контрола над нашиот наратив и над она што ние како држава го ставаме и како тоа целото го користиме“.
„Така што, овие шест милиони за дата центар во денешнава приказна, тоа е извонредно мала бројка. Во овој истиот проект ВИ дата фабрики, во Грција се гради национален дата центар што чини 60 милиони евра, Бугарија некаде околу 100 милиони евра… Ние овде зборуваме и правиме дискусија за 6 милиони“, нагласува Трајанов.
Главната поента, според Трајанов е дека треба да се демистифицираат работите и да се стават на вага – „што е добро, а што е негативно“.
„Има негативни работи, меѓутоа дата центар што чини 6 милиони евра нема ништо. Моментално ако ги соберете дата центрите што ги имаат во Македонија чинат повеќе, па досега никој не се возбудил дека имаме некакви дата центри… Значи, дај Боже некој да сака и да дојде кај нас да направи дата центар којшто кошта 500 милиони евра, но не верувам дека ќе се случи тоа. Меѓутоа, ако има таква можност, тоа би било можност ние да станеме центар на дигиталниот свет, а овие бројки за коишто зборуваме се релативно мали и треба што поскоро да ги направиме за да фатиме барем приклучок кон она што се случува во светски рамки“, појаснува Трајанов.
Како држава, според Трајанов, по глава на жител продуцираме повеќе ИКТ, софтвер, сервиси од просекот во ЕУ, меѓутоа, за жал, ако се земе дигиталната писменост на обичните граѓани, далеку сме од просекот во ЕУ.
„Тоа значи дека имаме потенцијал, имаме луѓе кои се поприлично добри и можат да повлечат напред. Уште повеќе, од анкетите коишто ги правевме во рамките на проектот, луѓето сакаат да научат и ова е можеби точката во којашто ние можеме да направиме неколку побрзи чекори напред и да го фатиме текот со останатите држави во Европската Унија и државите околу нас, за да бидеме повеќе спремни за новото дигитално општество коешто доаѓа“, нагласува Трајанов.
Вештачката интелигенција, порачува Трајанов, едноставно е алатка за зголемување на продуктивноста на луѓето и не треба луѓето да се плашат дека ќе бидат заменети од ВИ, туку „ќе бидат заменети од луѓе кои користат вештачка интелигенција и кои ќе бидат 10 пати попродуктивни од вас“.
Извор: МКД.мк

Македонски


