Skip to main content

Боледувањата под лупа: Клековски и Тошковски најавуваат построги контроли

Фото: Freepik

Матичните лекари наместо седум, ќе можат да отвораат боледување до пет дена, ФЗО и МВР подготвуваат механизми за контрола, а министерот за здравство Сашо Клековски вели дека има „инфлација на боледувања“. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пак, предупредува на долгогодишни злоупотреби и во државниот и во приватниот сектор.

Боледувањата во Македонија влегуваат под засилен институционален надзор. По најавите од Фондот за здравствено осигурување за промени во системот на утврдување и контрола на привремената спреченост за работа, денеска со остри пораки излегоа и министрите за здравство и за внатрешни работи, Сашо Клековски и Панче Тошковски.

Причината за заострувањето на контролите, според податоците што ги презентира Фондот за здравствено осигурување е значителниот раст на краткотрајните боледувања. Нивниот број се зголемил за околу 33 отсто – од приближно 270.000 годишно на повеќе од 321.000. Во исто време, бројот на лица кои користеле боледување пораснал за околу шест отсто.

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска оцени дека постојат бројни злоупотреби на системот.

„Има инфлација на боледувања“, рече Клековски, посочувајќи дека има случаи во кои лица кои се на боледување објавуваат фотографии од одмор во странство, а има и случаи на луѓе кои во периодот на боледување работат друга работа.

Според Клековски, целта на планираните измени не е да им се отежни животот на луѓето кои навистина се болни, туку да се направи разлика меѓу оправданото користење на боледувањето и неговата злоупотреба.

„Сакаме тоа да го сузбиеме, а не да малтретираме“, рече министерот. Тој посочи дека промените се подготвуваат врз основа на компаративни анализи, меѓу кои и искуството на Словенија.

Една од конкретните предложени промени е матичниот лекар, врз основа на медицинска проценка, да може да отвори боледување до пет дена без примена на утврдените критериуми, наместо досегашните седум дена.

Од ФЗО велат дека целта е системот да стане поедноставен за пациентите кои имаат реална медицинска потреба, но истовремено да има посилни механизми против неоправданото користење на правото на боледување. Предвидени се и поголема дигитализација, електронска евиденција и документација, како и можност за контрола кај осигуреникот за време на боледувањето.

Особено внимание предизвикува најавениот механизам за проверка на лицата кои користат боледување. ФЗО и МВР работат на систем со кој би можело да се откриваат можни злоупотреби при напуштање на државата. Контролорите, според објаснувањето на ФЗО, нема да влегуваат во домовите ниту ќе вршат медицински прегледи, туку ќе проверуваат дали лицето се наоѓа на адресата на која треба да биде за време на боледувањето. Ако лицето не биде затекнато, тоа само по себе нема автоматски да значи губење на правото на боледување. Во таков случај би следувала дополнителна проверка пред лекарска комисија.

Клековски, пак, предупреди дека прашањето за контролата на движењето треба да биде прецизно уредено со закон, бидејќи сегашните решенија не го регулираат целосно тоа прашање.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска уште подиректно ја опиша состојбата. Тој рече дека постојат големи злоупотреби на боледувањата и во државниот и во приватниот сектор.

„Не може секој да оди на боледување кога ќе му текне“, порача Тошковски, додавајќи дека проблемот, според него, трае со години.

Тошковски истакна дека при евентуалните проверки мора да се води сметка за почитувањето на човековите права и дека сите институционални постапки мора да бидат во согласност со Уставот, законите и Европската конвенција за човекови права.

По барање на МВР, ФЗО во втората половина на 2025 година контролирал боледувања на 80 вработени во МВР, со вкупно 514 боледувања. Кај 29 од 80 лица биле утврдени неправилности, додека околу 100 од 514 боледувања биле оценети како неуредни или неправилни. Во контролата биле опфатени и 105 приватни здравствени установи кои ги издавале боледувањата.

Овие бројки, сепак, се однесуваат на конкретно контролирана група и не значат дека истиот процент на неправилности постои кај сите боледувања во земјата.

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека промените треба да воспостават јасна граница меѓу правото на боледување и неговата злоупотреба.

„Не ги менуваме правилата за да го ограничиме боледувањето. Ги менуваме за да направиме јасна разлика меѓу право кое мора да биде заштитено и злоупотреба која не смее да биде платена од парите на осигурениците“, соопшти ФЗО.

Фондот во август годинава исплатил 623,15 милиони денари за боледувања, од кои 414,05 милиони денари биле за породилни надоместоци. Така, боледувањата стануваат ново поле на засилени институционални контроли – со најавена поголема улога на ФЗО, можен ангажман на МВР и нови правила за матичните лекари.

Поврзани вести