
Ирак на крајот од месецот се соочува со два рока: крај на децениското американско воено присуство и разоружување на недржавните вооружени групи.
Повлекувањето на американските сили е во тек, а официјалните лица велат дека стотиците војници кои остануваат во северен Ирак ќе ја напуштат земјата до 30 септември.
Ирачката влада го поврза американското повлекување со ултиматумот до милициите да го положат оружјето. Сепак, повеќето од нив посочија дека немаат намера да го сторат тоа.
Ова отвора важни прашања за тоа како ќе изгледа Ирак ден потоа, истакнува агенцијата Асошиејтед Прес.
Ирачките милиции поддржани од Иран напаѓаат цели поврзани со САД и во и надвор од Ирак откако САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари. Тие соработуваат и со јеменските бунтовници хути во нападите врз Саудиска Арабија.
Додека војната меѓу САД и Иран трае, Техеран веројатно нема да се откаже од влијанието кое го има во соседен Ирак. Американските претставници се загрижени за способноста на милициите да продолжат со нападите, но не толку за да го одложат повлекувањето.
Крај на американската мисија
Американските трупи извршија инвазија врз Ирак во 2003 година за да го соборат Садам Хусеин. Тие се повлекоа во 2011 година, но три години подоцна ирачките власти повикаа помала мисија предводена од САД за борба против Исламската држава, која го опустоши Ирак и зазеде големи делови од територијата.
Бидејќи таа екстремистичка група сега е сведена на расфрлани скриени ќелии – резултат на милициите поддржани од Иран и коалицијата предводена од САД – Вашингтон и Багдад се согласија во 2024 година постепено да ја укинат мисијата.
Американските трупи се повлекоа од базите во поголемиот дел од Ирак минатата година, но задржаа присуство во полуавтономниот курдски регион на северот од земјата. Базите таму редовно се цел на напади откако САД и Израел ја почнаа агресијата врз Иран.
Американски воен функционер, кој побарал да остане анонимен, изјавил за АП дека повлекувањето ќе биде завршено до 30 септември и дека стотиците војници кои сè уште се присутни во северен Ирак главно ќе бидат преместени во Јордан и други земји во регионот. Воената опрема, вклучително и системите за воздушна одбрана, исто така ќе биде отстранета.
После тоа со централната влада во Багдад би можел да се договори договор за „вообичаена билатерална безбедносна соработка“, кажал тој, но сè уште не е јасно каква форма би имал тој договор.
Изворот кажал дека антитерористичката база во Ербил ја изгубила важноста за американските трупи бидејќи заканата од Исламска држава се намалила.
За време на војната со Иран, северниот дел на Ирак најчесто не служел како „офанзивна платформа“, но американските сили таму честопати биле цел на Иран и ирачките милиции поддржани од Техеран, па затоа повлекувањето на трупите ќе „го намали нашиот ризик“, кажал тој.
Американската војска, меѓутоа, останува загрижена за способноста на ирачките милиции да напаѓаат цели во други делови од регионот, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Јордан и Израел, како и за присуството на јеменските бунтовнички сили хути во Ирак, кажал изворот.
Во минатото, САД повремено извршуваа напади врз позициите на милициите во Ирак како одговор на нивните напади. Вашингтон воведе санкции врз некои од овие групи и може да воведе нови.
Милициите одбиваат да го положат оружјето
Службеници на ирачката влада не се доследни во нивната проценка дали 30 септември е цврст рок за разоружување на милициите или само почеток на преговорите.
„Ниту една група нема да биде разоружена до 30 септември“, вели ирачкиот аналитичар Саџад Џијад, зборувајќи минатата недела на панел организиран од Атлантскиот центар. „Мислам дека тоа веројатно му е јасно на секој кој ја следи ирачката политика“.
Додека неколку помалку влијателни милиции се согласија да го предадат своето оружје, најмоќните групи, кои се исто така најблиски до Иран – Катаиб Хезболах, Харакат ал Нуџаба и Катаиб Сајид ал Шухада – ја отфрлија можноста или поставија услови за разоружување за кои знаат дека владата веројатно нема да ги исполни во скоро време.
Тие услови вклучуваат ставање на курдските безбедносни сили Пешмерга во северен Ирак под контрола на армијата на централната влада, како и протерување на иранските курдски дисидентски групи и Курдската работничка партија (ПКК), кои имаат бази во регионот.
„По утврдувањето на тие параметри, разговорите ќе бидат насочени кон регулирање на оружјето, а не кон негово предавање“, изјавил за АП функционер на една од ирачките милиции поддржани од Иран. „Меѓу фракциите апсолутно нема одлука за предавање на оружјето и ние не сме предале никакво оружје“.
Еден владин функционер изјавил дека сегашната стратегија на владата е насочена кон ставање на вооружените фракции под контрола на ирачката армија. Многу милиции веќе се дел од Народните мобилизациски сили (ПМФ), коалиција од вооружени групи што официјално е дел од ирачките вооружени сили, иако поединечните милиции честопати дејствуваат независно.
Функционерот кажал дека владата сака вооружените фракции да го предадат „мобилното оружје“, вклучувајќи ракети и дронови со долг дострел, на централната команда на ПМФ, а поединечните фракции да бидат распуштени и ставени под командата на ПМФ и ирачката армија.
Службениците разговарле со американската агенција под услов на анонимност бидејќи не се овластени да зборуваат јавно.
Портпаролот на ирачката влада Сабах ал Нуман минатата недела изјави дека „разговорите и дијалогот се во тек и дека прашањето ќе биде решено по повлекувањето на меѓународните коалициски сили“.
Курдите се загрижени за периодот по 30 септември
Иако повлекувањето на американските трупи отстранува една од метите во курдскиот регион, малку е веројатно дека ќе ги запре нападите.
Мохамед А. Салих, нерезидентен виш соработник во Американскиот институт за истражување на надворешната политика и експерт за курдски и ирачки прашања, потсетува дека Иран и групите блиски до него „ги таргетирале другите локации во регионот Курдистан кои не биле поврзани со присуството на американски трупи“.
Меѓу тие цели се базите на протераните ирански курдски дисидентски групи, енергетските капацитети, па дури и канцеларијата на премиерот на курдскиот регион Масрур Барзани.
„Повлекувањето дополнително ќе го разоткрие регионот Курдистан и ќе го направи уште полесна цел“, смета Салих.
Регионалните владини претставници одбиле да коментираат, но Барзани јавно изрази загриженост дека отстранувањето на американските системи за воздушна одбрана би можело да го направи регионот поранлив.
Нуман минатата недела изјави дека ирачката влада е блиску до набавка на нови системи за воздушна одбрана од Јужна Кореја, Турција и САД.
Тој изјавил за АП дека новите системи „ќе бидат распоредени во согласност со внимателно подготвени воени планови за да се обезбеди целосна заштита на ирачкиот воздушен простор, вклучително и регионот Курдистан“.
Извор: МКД.мк

Македонски


