
Директорот на националната установа Манифестација „Струшки вечери на поезијата“ Никола Кукунеш истакна дека неслучајно визуелниот фокус на годинашното издание е ставен на глаголицата и оти неслучајно е нагласувањето на буквата „Г“, која во тоа писмо е именувана како „глаголи“ – што значи зборува/говори.
-Пред нашите очи, со сиот свој пркос, се појавува сликовната страна на старословенскиот јазик – јазикот кој го зборувале Македонците од околината на Солун, т.е. јазикот на сесловенската писменост. Јазикот за кој како по зрак светлина или душевна храна пекале Словените во Моравија и Панонија, истакна Кукунеш.
Потсети дека во еден од првите оригинални текстови на старословенски јазик, „За буквите“ – потпишан со псевдонимот Црноризец Храбар, стои: „Порано Словените немаа букви, туку се служеа со рески и цртички, читаа и гатаа…“ Сѐ до оној момент кога браќата Свети Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ги превеле првите книги и тргнале да ги описменат Словените на север.
Нагласи дека јазичната и културната врската меѓу Македонија и Словачка е нераскинлива цели 1162 години, а доказ за тоа е годинашниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата„ – словачкиот поет, Иван Штрпка.

Манифестацијата почна со палење на Фестивалскиот оган и читање на антологиската Т`га за југ на Константин Миладинов, а продолжува со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.
Во духот на традицијата, претпладнево во Паркот на поезијата беше засадено дрвце во чест на добитникот на Златен Венец, Иван Штрпка.