Skip to main content

Kонцерт на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – „Мелодија што трае“

ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“

Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ – Скопје вечер од 19:30 часот во Музејот на македонската борба ќе го изведе концертот насловен „Мелодија што трае“.

Концерот е резултат од едукативниот семинар спроведен под водство на проф. д-р Драган Даутовски, со активна вклученост на наставниот кадар и учениците од Насоката за традиционална музика и игра.

Како што информира ДМБУЦ, програмата вклучува изведби од богатата етномузиколошка архива на д-р Трпко Бицевски, која досега речиси не била јавно презентирана.

Концертот нуди звучна слика од предели на Егејска Македонија, како Костурско, Серско и Демирхисарско, Кукушко, Драмско и Мегленско, претставени преку автентични вокални интерпретации под менторство на професорите Гордана Тасева-Илиевска, м-р Мелита Ивановска, м-р Вера Милошeвска-Јосифовска, м-р Тијана Јаневска, Ленче Димовска и Антонио Стојчески, со придружба на чалгиски оркестар и оркестар со народни инструменти во изведба на ученици кои свират рамо до рамо со своите професори. Уникатниот состав од чалгиски и народни инструменти (во состав на професорите по народни инструменти д-р Тимко Чичаковски, м-р Христијан Николовски, Оливер Настовски, Драги Полизовски и д-р Александра Кузман) нуди прекрасни оркестарски аранжмани од проф. д-р Даутовски и д-р Тимко Чичаковски, соопшти ДМБУЦ.

Оттаму наведуваат и дека овој културен проект е „пример за успешна примена на научното истражување во уметничка изведба, со цел зачувување и актуализирање на нематеријалното културно наследство“. Настанот е отворен за јавноста.

Поврзани вести