
Стручен тим од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, составен од историчар на уметноста и конзерватори и во присуство на претставник од Министерство за Култура и Туризам, изврши теренски увид во манастирот Св. Богородица Пречиста Кичевска. Целта на увидот беше проценка на постојната состојба и степенот на зачуваност на фрагментите од фрескоживописот по потекло од манастирот Кнежино, црквата Св. Ѓорѓи, кои датираат од XIV век.
Овие фреско-фрагменти се значајни примери на византиската уметност и се поврзуваат со сликарската работилница на познатите зографи Михаил и Евтихиј.
По извршениот увид, тимот ќе изготви стручно мислење за состојбата на фрагментите и ќе предложи соодветни мерки за нивна заштита, конзервација и финална презентација.
Наодите од увидот ќе бидат основа за натамошни конзерваторски активности со цел зачувување на ова вредно културно наследство.
Подвиг во Подвис
Тимот исто така направи увид во состојбата на првото училиште на македонски јазик во селото Подвис, Кичевско. Таму на 23 септември 1943 година учителот Василко Ристески за првпат го одржува првиот час на македонски јазик во екот на Народноослободителната борба. Училиштето има статус на заштитено добро. Веќе од оваа година Националниот конзерваторски центар ги презема постапките кои ќе овозможат негова обнова и ставање во функција на јавноста, така што местото каде што за првпат удрило училишното ѕвонче за часот по македонски јазик ќе го добие значењето за историскиот момент.
Во рамките на посетата стана збор и за легендарниот воз “Киро” кој сообраќал по некогашната теснолинејка до Охрид, а е сопственост на Музејот “Западна Македонија во НОВ” од Кичево. Тој ќе започне да се обновува, со што ќе биде атрактивен музејски експонат за градот.
Овие активности се во рамките на Годишната програма за остварување национален интерес во културата за 2025 година.