
Седмото издание на изложбата „Фемина 8/7 – Истокот и Западот“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија ќе биде отворена вечерва, на 12 јуни, во 20 часот во Кинотеката на Македонија. Кураторки се Јана Манева-Чупоска и Ирена Паскали.
„Фемина 8“ е препознатлив ликовен проект во кој досега учествувале повеќе од стотина македонски и странски ликовни уметници. Препознатлива е по специфичниот карактер и ликовен израз кој во себе содржи повеќе ликовни медиуми, од класично штафелајско сликарство па сè до концептуални формати и нови медиуми – велат организаторите.
На изложбата учествуваат: Лудевиг Хајке, Хилер Анет, Хаген Ута, Тинтелнот Соња, Маер Катарина, Иса Андреа, Халм Анет Ц, Лукас Симоне, Ирена Паскали, Јана Манева-Чупоска, Инкен Боје, Марија Мицова-Гацова, Петра Јовановска, Дита Старова-Ќерими, Љупка Делева, Елпида Хаџи-Василева, Мирослава Трујкановиќ, Јана Луловска и Елизабета Костадиновска.
„Фемина 8/7“ е мултимедијален проект, овојпат насловен како „Истокот и Западот“, во кој соработуваат уметнички од Германија и Македонија. Главната работна тема е поврзувањето на културолошките тенденции на една жена во средината и општеството во кои таа живее и твори. Сите различни аспекти на егзистирање во една животна средина претставуваат влијателен фактор врз формирањето на ликовниот идентитет на една жена уметница. Ваквиот концепт всушност ја претставува носечката ликовна идеја при анализата и реализацијата на овој проект, преку преиспитување на културолошките релации меѓу Истокот и Западот и нивно редефинирање односно предефинирање.
Изложбата е реализирана во соработка со германското здружение „Продуцентска галерија План Д“ од Дизелдорф.