Skip to main content

Две изложби во Велес го оживуваат наследството на порцеланот и современата уметност

Изложбата насловена „Порцеланови луѓе – Развој на индустрискиот дизајн во фабриката за порцелан ’Борис Кидрич’ во Титов Велес – 1954-2003“ ќе биде поставена денеска, во 19 часот, во Ликовниот салон при Народниот музеј во Велес.
Изложбата е резултат на истоимениот истражувачки проект спроведен во текот на изминатата година од авторите Јасминка Намичева, Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска, Екатерина Намичева Тодоровска, соработник Ангел Коруновски. Автор на фотографиите е Александра Костадиновска. Проектот е во организација на здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ од Скопје, во соработка со ЛУ Народен музеј-Велес и Државен архив на РСМ-подрачна единица Велес.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам. Благодарност и до Дејан Атанасовски, директорот на Комерцијална банка – филијала Велес, за поддршката и разбирањето кон значењето на културното наследство како темел на општествената меморија. На изложбата преку претставувањето на повеќе од 300 порцелански предмети, дизајнерски скици и цртежи, гипсени модели, калапи, фотографии и мноштво интервјуа со уметниците дизајнери, се обидуваме да рехабилитираме мал дел од огромната производствена продукција на фабриката „Југопорцелан“ од Титов Велес, бидејќи таа претставува не само индустриски туку и културно-уметнички феномен, сведоштво за применетата уметност и за творештвото на дизајнерите уметници што дејствувале во рамките на овој производствен капацитет. Ги претставуваме уметничките биографии на дизајнерите уметници Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева Тодоровска, Благородна Николова и други, кои во периодот од 1955 година до крајот на 1990-тите биле дел од декорното, односно подоцна од 1971 година, дизајнерско одделение на фабриката – информираат организаторите на изложбата.

Отсуството на потпис, на авторско име и поединечна биографија во архивите на индустрискиот дизајн не е само документарна празнина туку симптом на една поширока културна состојба – на „невидливоста“ што ги следела дизајнерите во индустрискиот систем на социјалистичката епоха, особено во раните педесетти и шеесетти години од минатиот век, кога идеологијата на индустрискиот труд ја славела колективната продукција. Организаторите појаснуваат дека идеологијата на индустрискиот труд, која ја афирмираше колективната продукција, зад себе остави скромна документација, а токму тој недостиг денес ја нагласува вредноста на секој пронајден предмет и секое зачувано сведоштво, што уште повеќе ја оправдува идејата на авторите на проектот за истражувања врз основа на кои е создадена релевантна колекција на дизајнерски порцелански предмети од продукцијата на „Југопорцелан“.

Постоењето на „луѓе што паметат“ нам ни овозможи да ја реализираме целта – да се погрижиме да ги зачуваме името и меморијата за фабриката и луѓето што го оставија забележано своето име меѓу страниците на нејзината историја, кои некогаш функционираа, мечтаеja, се радуваа, тагуваа, да ги направиме бесмртни, да не паднат во заборав. Патот на континуираното пронаоѓање, зачувување и заштитување на меморијата не е лесен, но најважно од сè е да се сеќаваме за да не забораваме. Без сеќавање не постои целосна човечка личност – дополнуваат Филип Фидановски и Јасминка Намичева.

Само еден час подоцна, во 20 часот, во фоајето на Театар „Џинот“ ќе биде отворена втората изложба, „Куќата на порцеланот“ – скулптури и просторни инсталации на современиот уметник и керамичар Филип Фидановски.

Изложбата, организирана во соработка со НУ Театар „Џинот“ и Народниот музеј Велес, а поддржана од Министерството за култура и туризам и неколку компании, го претставува порцеланот како концептуален медиум на културно сеќавање.

Кураторот Јасминка Намичева во каталогот пишува дека Фидановски создава „современа митологија“ во која фабриката станува метафора за дом, трудот – за поезија, а предметите – за сведоштва на едно време.

Меморијата, материјалот и светлината се во постојан дијалог, а „Куќата на порцеланот“ станува алегорија на создавањето – чин на оживување на формата и почит кон луѓето и местата кои ја обликувале културната топографија на Македонија.

Фидановски, роден во 1977 година во Скопје, е еден од најзначајните македонски керамичари со повеќе од три децении активна работа, богата меѓународна кариера, бројни награди, професорска дејност, учество во колонии и монографии зад себе. Неговите дела биле изложувани во Скопје, Белград, Пула, Прага, Софија, Братислава, Каиро, Париз и на десетици други локации.

Поврзани вести