Skip to main content

Центарот за култура Крива Паланка доби 1.6 милиони денари за годишната програма

Осум проекти од литературна дејност, пет од фолклорната и повеќе проекти од музичко-сценска, ликовна дејност на Националната устанива Центар за култура Крива Паланка се поддржани со годишната програма на Министерството за култура и туризам, со вкупен буџет од 1.625.000 денари.

Вршителката на должност директор на НУ Центар за култура Крива Паланка, Даниела Петровска, упати благодарност до Министерството за поддршката на разноликата и богата културна програма што центарот ќе може да ја реализира благодарение на одобрените финансии по планираните програмски дејности.

-Задоволство ми е што по подолг временски период ја враќаме драмската дејност и ќе ја заживееме и преку годишната програма на драмската секција под менторство на Енџи Николоска, како и проектот наменет за младите „Зоки Поки“, адаптација според Оливера Николова. Од областа на музичката и музичко-сценска дејност ќе се реализираат концерт на трио: Марија Јакимовска, флејта, Верица Ајтовска, виола и Билјана Петровска, пијано и „ Пепито“. Фолклорната дејност ќе ја продолжи традицијата на изучување традиционално пеење преку работилници, ќе се реализира проектот „Од изворот“, а покрај редовните програмски активности на КУД „8-ми Октомври“, финансиска поддршка од министерството е доделена и за традиционалните манифестации и фестивали: Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски 2025“ и „Вечер на Осоговски песни 2025“, информира денеска Петровска.

Граѓаните на Крива Паланка и сите посетители на градот што во 2024 го носеше епитетот „Град на културата“ ќе можат да уживаат во културна понуда од областа и на визуелната уметност, архитектура и дизајн, изложби на повеќе македонски автори, меѓу кои и локални творци и уметници, а редовно продолжува да функционира и ликовното студио при НУ Центар за култура под менторство на академскиот сликар Роберт Цветковски.

-Годинава ќе биде издадена и промовирана „Тантелина“ – македонски народни приказни од кривопаланечкиот крај, а од областа на библиотечната дејност ќе работиме на читачката култура во руралните средини, ќе организираме авторски портрет на Атанас Крлевски, креативна хаику-работилница, работилници за креативно читање и пишување, а за набавка на лектирни и белетристични изданија ќе издвоиме 150.000 денари, така што, сѐ на сѐ, ни претстои богата програмска година во која љубителите на сите видови уметност ќе можат да си пронајдат и одберат дел од активностите и да уживаат, а младите да се вклучат според сопствените таленти и афинитети, рече Петровска.

Во НУ Центар за култура, покрај споменатите дејности, втора година по ред успешно работи и балетска секција.

Поврзани вести