Skip to main content
wF4q9EZr9bk

Бошко Грујоски, директор на Кинотека: ДЦП проекторот и платното за проекции се стари 10 години, но потребно е и осовременување на системот за продажба на билети

Кинотеката на Македонија е национален филмски архив формирана со Закон во 1974 година како Кинотека на Македонија, и се занимава со прибирање, чување, заштита, обработка, истражување и презентирање филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго значење, особено на националното филмско наследство. Покрај тоа, Кинотеката ги прибира и филмовите и филмските материјали кои се однесуваат за Македонија, а се снимени од странски филмски сниматели, како и филмови од светската продукција.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при работната посета на НУ Кинотека на Македонија, потенцираше дека македонското аудиовизуелно наследство е многу значајно, но значајно е да се одржува и да има средства за тоа.


Изминатите седум години, токму оваа институција, која е најстара институција задолжена за чување на аудиовизуелното наследство, во споредба со периодот пред 2017 година, имаше намален буџет за речиси 50 – 60 проценти, што ја покажува и недоволната посветеност на претходното раководство за грижата кон филмското наследство, рече министерот Љутков, најавувајќи зголемување на буџетот за оваа национална установа.

Тој најави зголемување буџетот на Кинотека и на тој начин институцијата полека ќе се враќа, како што рече, на здрави нозе, по системското уништување.

Кинотеката континуирано се грижи за развојот на филмската култура кај нас преку редовната кинотечна филмска програма во Скопје, но и со гостувања низ Републиката. За оваа нејзина активност потребно е да се направат некои набавки и осовременување со цел непречено и контиуирано работење на институцијата.

Директорот на Кинотеката Бошко Грујовски посочува дека сретствата од зголемениот буџет кој го најави министерот се најпотребни за ново проекционо платно во салата на Кинотеката, нов ДЦП проектор, како и за осовременување на специјализираната библиотека.



По целосното реновирање и опремување со 35мм. филмски проектори и сараунд аудио систем, и 136 места за седење, на 10 октомври 2006 година започнува редовната филмска програма во кинотечното кино. Се одржуваат повеќе циклуси меѓу кои и: „Македонски филм”, „Авторски филм”, „Чаплин-идентитет на филмот”, „Висконти”, „Исток-Запад”, „Недела на францускиот филм” итн.
Во годините што следуваат се одржуваат голем број циклуси на познати автори, режисери и директори на фотографија, потоа претставување на голем број национални кинематографии, како и фестивали, премиери и промоции. Гости во Кинотеката, покрај другите беа и: Јиржи Менцл, Наталија Бондарчук, Маноло Де Оливеира, Тиери Арбогас, Лордан Зафрановиќ, Желимир Жилник и други.


Во 2015 година, кино салата беше реновирана, односно се постави нова опрема за дигитални проекции, ДЦП проектор, медиа, Блу-реј и ДВД плеер, а беше поставено и ново проекционо платно.
Со самото основање на Кинотеката на Македонија, во 1976 година започнува да работи и специјализирана стручна библиотека, единствена од овој вид во нашата земја, за разни публикации (книги, периодика, списанија и сл.) од областа на филмската историја, теорија и естетика. На почеток се набавени првите 450 наслови стручна филмска литература, воспоставена е и претплата на 26 стручни филмски светски списанија, а започнува и обработка на прес-клипинзи за македонскиот филм.


Денес во библиотеката можат да се користат 4.500 единични наслови на книги и филмска периодика, и најзначајните домашни и странски филмски списанија.


Освен овие наслови, на располагање на сите заинтересирани е и богатата хемеротека, со повеќе од 35.500 исечоци (прес клипинг) од дневниот и периодичниот печат, а во поново време и од интернет порталите. Фондот на библиотеката претставува исклучително културно и јавно добро, и тој е достапен не само на истражувачите, средношколците и студентите, новинарите и критичарите, туку и на пошироката културна публика која би сакала да ја збогати својата филмска култура и знаењето за филмот.


Подготвија:
новинар: Невена Поповска
фото/видео: Александар Ивановски
монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести