Skip to main content

Битолски театар подготвен за премиерата на „Кориолан“ на 66. Охридско лето

Народен театар Битола ќе ја изведе својата најнова продукција „Кориолан“ на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ – една од најзначајните и најреномирани меѓународни културни манифестации во регионот. Во современа адаптација и режија на Џон Блондел, оваа безвременска трагедија на Вилијам Шекспир носи моќен сценски јазик и отвора прашања за власта, честа, политичката одговорност и судирот помеѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска, Сандра Грибовска Илиевска.
Адаптација и режија: Џон Блондел, асистент на режија Дамјан Димовски, сценографија и костими Благој Мицевски, дизајн на светло Џонатан Хикс, светло-мајстор Горан Петровски, музика Александар Димовски, видео Владимир Переловски, инспициент Оливер Петровски, суфлер Мирјана Христовска.

„Кориолан“ е петта соработка на Џон Блондел со Народниот театар Битола и негова четврта режија на Шекспир. Неговите претходни шекспирови продукции вклучуваат: „Хенри VI, дел 3“ за Глоуб-ту-Глоуб фестивалот во Шекспирс Глоуб во Лондон во 2012 година, „Антониј и Клеопатра“ во 2015 година и „Сон на летната ноќ“ во 2018 година – сите прикажани на изданијата на „Охридско лето“ во тие сезони.

Битола претставува еден вид уметнички дом за Блондел од 2009 година, а ансамблот и индивидуалните уметници имаат освоено престижни награди и имаат реализирано бројни меѓународни турнеи, вклучително во Лондон, Санта Барбара, Пекинг и други градови.

Премиерата ќе се изведе на 15 јули 2026 (среда), 21:30 часот, во предворјето на црквата „Св. Софија“, Охрид.ж



Премиерната изведба на „Кориолан“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“ претставува значаен момент за Битолскиот театар и можност оваа продукција да биде претставена пред фестивалска публика во еден од највпечатливите сценски простори во Македонија.

Веднаш потоа, НТБ со оваа претстава патува за Верона, Италија каде на фестивалот Verona Shakespeare Fringe Festival, „Кориолан“ ќе ја има светската премиера.

Поврзани вести