Skip to main content

5,5 милиони денари за годишната програма на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово

Скоро 90 илјади евра или 5,5 милиони денари се одвоени за низа проекти за годишната програма на Центар за култура Трајко Прокопиев.

Како што информира Дени Синадиновски од институцијата, најголем дел од средствата се наменети за драмската дејност.

Вкупната сума од Министерството за култура и туризам е 5 милиони и 515 илјади денари. Со тоа што од областа на драмската дејност одвоени се 4 милиони и 200.000 денари“, истакна Синадиновски.

Во рамки на македонската драма, поддржани се проектите „Смрт на погребот“ во режија на Ненад Витанов и „Чичко Кумплуг“ според пиесата „Прирачник за самоуништување“ во режија на Јани Бојаџи.

Од албанската драма ја имаме претставата „Амбасадор“ во режија на Андреј Цветковски и „Не се работи за славејчињата“ во режија на Кендрим Ријани.

Финансиски средства се обезбедени и за 29-то издание на Меѓународниот фестивал „Денови на комедија“.

Поддршка има и за фолклорната дејност, при што годинава ќе се одбележи јубилејното петто издание на Семинарот за традиционална музика и игра под наслов „Од традиција до сцена“, реализиран во соработка со Националниот ансамбл „Танец“.

Од областа на музичко-сценската дејност одвоени се 300 илјади денари, а меѓу проектите се и годишниот концерт на Албанскиот оркестар при Центарот.

– Тука е концертот на Ана Гацева и Иван Наумовски и годишниот концерт на Албанскиот оркесатар при нашата претстава, додаде Синадиновски.

Јубилејна, петта година по ред, ќе се одржи и Меѓународниот фестивал на проза, додека за визуелните уметности, архитектурата и дизајнот одобрени се 385 илјади денари за повеќе изложбени активности во текот на годината.

Дополнително, финансиска поддршка од 570 илјади денари за сите дејности е обезбедена и од Општина Куманово.

Покрај годишната програма, Центарот за култура продолжува и со тековните настани во февруари и март.

– И покрај новите промени што се случија во Центарот за култура, тековната програма на центарот си продолжува. Оваа недела секако последната недела од февруари ја имаме претставата „Сакатиот од Инишман“, која секоја закажана претстава е распорададена. Потоа исто така на 26ти февруари ја имаме претставата „Коса“ во главна улога на Бојан Кирковски, една стенд ап комедија која ќе ја насмее кумановската публика, нагласи Синадиновски.

извор: Кумановски муабети

Поврзани вести