Skip to main content

37. издание на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“

На 37. Поетска ноќ во Велестово ќе настапат шеснаесет поети, музичари и уметници од вкупно од шест држави (Ирска, Азербејџан, Хрватска, Романија, Бугарија и Македонија).

Програмата ќе започне на 15 август во 21 часот во Велестово со поетскиот портрет на Андреј Ал-Асади, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, по што ќе следува интернационалното поетско читање „Имаго“, на кое ќе настапат поетите од странство.

Истата вечер, од 22:30 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово ќе биде отворена и изложбата „Непредвидливи соочувања“ на академскиот сликар Стефан Младеновски.

Следните два дена ќе се одржат и две книжевни промоции на стихозбирки од Мирослав Кирин од Хрватска и на Фарид Хусеин од Азербејџан, како и две интернационални поетски читања, едното во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово и завршното поетско читање ќе се одржи в недела, на 17 август, во кафе и бар „Шила“ во Охрид, на кои, покрај споменатите поети, ќе настапат и Рошин Кели од Ирска, Рената Јамбрешиќ Кирин од Хрватска, Поли Муканова од Бугарија, Анисија Ангел од Романија, како и домашните поети: Лулзим Хазири, Ивана Јовановска, Марија Ангеловска, Емануела Ковачевска Китановска, Маја Мојсова, Павлина Атанасова и Стефан Костоски.

Во програмате е предвиден и кус музички концерт на Игор Климовски (соло хармоника), како и организирано разгледување на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“.

Имено, бидејќи од повеќе од 200 видови пеперуги во Македонија, дури 166 живеат во Националниот парк „Галичица“, постерот за годинешното издание е посветен на пеперугите на Галичица. Да се потрудиме заедно да ги заштитиме и уште долго да уживаме во нивната убавина.
Автор на постерот е Андреј Павлов.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, од Општина Охрид и од Комерцијална банка АД Скопје, гостувањето на поетесата од Ирска е помогнато од Литературниот центар Мунстер од Корк и Советот за уметност на Ирска, а гостувањето на поетите од Хрватска е поддржано од Хрватското друштво на писатели и е дел од книжевната размена меѓу Поетска ноќ во Велестово и „Стихот во регионот“ (“Stih u regiji”), Загреб.

Програма

Петок, 15.8.2025 г.
Локација: с. Велестово, на сретсело.

• 21:00 ч.: Кус музички концерт на Игор Климовски (соло хармоника)

• 21:20 ч.: „Поетски портрет на Андреј Ал-Асади“ ‒ поетско читање и разговор воден од Јулијана Величковска.

• 22:10 ч.: „Имаго“ – поетско читање на гостите од странство: Рошин Кели (Ирска), Фарид Хусеин (Азербејџан), Рената Јамбрешиќ Кирин (Хрватска), Мирослав Кирин (Хрватска), Поли Муканова (Бугарија) и Анисија Ангел (Романија).

• 22:30 ч.: „Непредвидливи соочувања“ ‒ изложба на слики на Стефан Младеновски
Локација: тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово.

Сабота, 16.8.2025 г.
Локација: тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово.

• 19:00 ч. Промоција на стихозбирката „Зебрано“, избор песни од Мирослав Кирин (Хрватска) во препев на Славе Ѓорѓо Димоски, издание на „ПНВ Публикации“

• 20:00 ч. „Мозаик“ ‒ интернационално поетско читање
Учесници:
Поли Муканова (Бугарија), Рошин Кели (Ирска), Фарид Хусеин (Азербејџан), Анисија Ангел (Романија), Павлина Атанасова, Емануела Ковачевска Китановска и Стефан Костоски (Македонија).

Недела, 17.8.2025 г.
Локација: кафе и бар ШИЛА, Охрид

• 18:00 ч. Промоција на стихозбирката „Како сон“, избор песни од Фарид Хусеин (Азербејџан), во препев од англиски на Јулијана Величковска, издание на „ПНВ Публикации“

• 19:00 ч. „Мозаик #2“ ‒ интернационално поетско читање
Учесници: Лулзим Хазири, Рената Јамбрешиќ Кирин (Хрватска), Мирослав Кирин (Хрватска), Марија Ангеловска, Ивана Јовановска, Маја Мојсова и Андреј Ал-Асади (Македонија).