Обвинителката Жаклина Јосифовска, по денешното рочиште објасни дека обвинетиот за убиството на Вања и Панче, Љупчо Палевски Палчо го користи моментот да ги изнесе сите свои наводи кои што му одат во негова одбрана. Но, таа убедува дека имаат доволно цврсти докази против Палевски, кој е првоосомничен во овој предмет.
Прашана во однос на наводите во барањето за изземање дека обвинетиот Боре Видевски поседувал оружје, Крстевска рече дека обвинителството ги има обезбедено сите докази и истите се приложени во листата на докази.
– Сите дејствија се преземени од страна на обвинителството, изјави таа.
Таа вели дека наскоро јавноста ќе слушне кои дејствија ги преземал Палевски.
-Доказите се приложени во списите од предметот и очигледно е дека со презентирањето на видео записите се доближуваме до делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија конкретно ги преземал обвинетиот Љупчо Палевски, кој цело време негира дека учествувал во предметните настани, изјави Крстевска, одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на денешното рочиште пред Основниот кривичен суд Скопје.
Во однос на изјавата од бранителот на Палевски, дека останатите обвинети преговарале со обвинителство, Крстевска рече дека ниту еден бранител не разговарал со обвинителството надвор од преземањето на службените дејствија.
– Многу чудно е како тоа обвинетиот Љупчо Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во Обвинителството, бидејќи тоа се списи кои што се само за обвинителството, а не се доставени ниту на увид, ниту на одбраната примерок, па многу е чудно како дошол до истите и ги презентира во јавноста, изјави Крстевска.
Судијата Ивица Стефановски, судењето го одложи за 3 февруари, посочувајќи дека мора да остави простор Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски се произнесе по наводите во барањето за изземање.