Skip to main content

Бесими за повикот на Филков за куќниот притвор на Груби: За предметов по хиерархија треба да решаваат вишиот и републичкиот обвинител

Во судскиот систем постои хиерархија и за овој случај има виш јавен обвинител кој ги следи конкретните предмети, а потоа и републички, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители Башким Бесими денеска во однос на вчерашниот повик на министерот за правда, Игор Филков Советот на обвинители и Судскиот совет да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител за куќниот притвор на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.

Бесими пред почетокот на денешната седница на Советот на јавни обвинители на прашањето дали ќе расправаат за куќниот притвор на Груби, рече дека тие можат да расправаат, но сепак има виш јавен обвинител, кој работи на конкретни предмети и додаде дека тие работат само по жалби.

Слушав од медумите за прозивките, но ингеренциите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители се поинакви, значи ние можеме да расправаме, но за тоа одлучува републичкиот и вишиот обвинител, значи таму има хиерархија, рече тој.

На новинарско прашање колку е честа праксата на обвинителите да одредуваат мерка куќен притвор за лице, кое се бара со меѓуанродна потерница и дали тоа не се коси со одредени правила и норми, Бесими одговори дека тоа е став на обвинителството, кое ја донело одлуката и тој како претседател на Советот не може да каже ништо во однос на тоа.

За прозивањето на Филков за оние кои учествувале во процесот на носење одлука за домашен притвор, рече дека тоа е став на министерот, но додека дека смета оти не е во ред таковото прозивање со име и презиме и дека секој предмет треба да се гледа поединечно.

Министерот за правда вчера јавно ги повика сите одговорни за одредувањето мерка куќен притвор за поранешниот вицепремиер Груби нагласувајќи дека одговорноста за ваквата одлука мора да биде лоцирана со име и презиме. Тој ги повика Судскиот совет и Советот на јавните обвинители итно да свикаат седници, да го разгледаат овој случај и да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител. Филков побара појаснување од јавниот обвинител Даниел Коцев, раководителот на Обвинителството, Анел Фидоски и од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски.

Во врска со денешното барање на Здружението на јавни обвинители до Собранието од денешната седница да ги повлече законските измени за платите на обвинителите, со кои се предлага изменување на коефициентите на начин што ќе се спречи натамошниот, како што се наведува во предлог-законот, непропорционален раст на нивните плати, Бесими рече дека го подржуваат барањето.

Не треба да стагнираме и сметам дека платите како и за другите, треба да се покачат согласно законот. Ова прашање се актуализира секоја година, при што процентот на усогласување се намалува. Како Совет мора да ги поддржиме јавните обвинители, рече Бесими.

На дневен ред на денешната седница на Советот на јавни обвинители беше одлуката за утврдување на бројот на слободни јавно – обвинителски места во основните јавни обвинителства за наредните две години, разгледување и усвојување на Годишниот извештај за работата на Советот за 2025 година, како и разгледување и усвојување на завршна сметка на Советот.(МИА)

Поврзани вести