
Резултатите од Проектот „АгроСмарт – Развој на модерно и одржливо земјоделство“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонската развојна фондација за претпријатија, Хемера и ЦЕП Можности, денеска беа презентирани во Велес.
Проектот реализиран кај 11 грантисти резултираше со воведување напредни решенија, вклучувајќи агро-дронови за прскање и снимање, обука за управување со дронови, дигитализација и автоматизација на системите за наводнување и ѓубрење, одржливи системи за наводнување, соларни ГПС системи за следење на добиток, автомат за продажба на свежо млеко, робот за хранење телиња и автоматизиран мобилен робот за чистење на фарма, автоматска филтер станица за наводнување, како и современи машини за преработката на земјоделски производи.

На настанот присуствуваа и претставникот на Европската делегација, Александру Албу и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветко Трипуновски.
Трипуновски информираше дека проектот започна на 1 февруари 2023 година и ќе трае до крајот на овој месец со буџет од 500 илјади евра. Преку програмата на „Аеросмарт’ 11 грантисти – земјоделски задруги и друштва и претпријатија, како што рече, ги развија и модернизираа своите капацитети со најмодерна опрема во вкупен износ од околу 380 илјади евра, а останатите средства беа наменети за нивна обука и усовршување.
Тој во своето обраќање на завршниот настан потсети дека земјоделството во државата со децении наназад се соочува со сериозни предизвици-старење на земјоделската работна сила и одлив на млади луѓе од руралните средини, недостиг на современа механизација, како и климатски промени кои дирекно влијаат врз продуктивноста и сигурноста на приходите на земјоделците.

Дополнително, воведувањето на нови технологии во земјоделството – како што се дронови и друга најсовремена опрема, наметнува потреба за прилагодување на постоечките политики и регулативи за кои Министерството ќе се заложи, најави министерот Трипуновски.
Претставникот на Европската делегација Александру Албу во своето обраќање до присутните ги изнесе благодетите за македонските земјоделци и државата од реализацијата на овој проект.
Вложувањето на околу 380 илјади евра за 11 грантисти за набавка на нови технологии во земјоделството, претставува значаен придонес за модернизацијата на земјоделството во Р.Македонија.Сето тоа е неопходно за конкурентност и одржливост на пазарот и со тоа државата се подготвува да се приклучи на единствениот пазар на Европската Унија, нагласи Албу.
Како што информира за МИА, Димитар Смољановски од Македонската развојна фондација за претпријатија преку презентација на видео докумемтарен филм за проектот, преку грантова и техничка поддршка, проектот АгроСмарт подржа вкупно 11 грантисти – меѓу кои земјоделски задруги, земјоделски друштва и претпријатија од североисточниот, полошкиот, југозападниот и преспанскиот регион, за набавка на нова опрема-модерна земјоделска механизација.

Овој проект е посветен на модернизација на земјоделскиот сектор преку воведување на современи технологии во земјоделието и поттикнување на соработката меѓу земјоделците. Сето тоа во чекор со земјоделството во ЕУ и светот, односно замената со напредните технологии на човечкиот фактор односно луѓето, а кои во земјоделството во земјава ги има се’ помалку, нагласи Смољановски..
На настанот претставени клучните постигнувања и резултати од проектот, иновативни земјоделски решенија и современа опрема, како дронови од повеќе типа и како истите функционираат. Воедно, беше направен и осврт на влијанието од проектот врз руралниот развој, а пред присутните беше прикажен и документарен филм за реализиција на проектот и како истиот се спроведува кај 11 грантисти вклучени во проектот.