
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, оствари средба со Kристос Марафатсос, кој за време на првата администрација на Доналд Трамп служеше како советник за економски политики, меѓународна трговија и енергетика, а подоцна беше дел од тимот за формирање на новата администрација и од комитетот за претседателската инаугурација во 2025 година во Соединетите Американски Држави.
За време на средбата, како што информираат кабинетот на Меџити, се разговарало за можностите за зајакнување на економската соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија, како и за продлабочување на партнерството со регионот.
-Економската соработка со Соединетите Американски Држави претставува значајна можност за развој на земјата и за зајакнување на нашите стратешки врски. Заедничките инвестиции и проекти, особено во енергетскиот сектор, можат да придонесат за енергетската безбедност и економскиот развој на регионот – истакна градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
Во фокусот на разговорите, како што информираат, биле и енергетските проекти и потенцијалот за инвестиции, кои можат да придонесат за зголемување на енергетската безбедност, економскиот развој и за посилно поврзување на регионот со стратешките партнери.

Македонски

