
Банките се чувари на нашите плати, пензии, примањата по други основи, како и на нашите заштеди. Воедно, ние сме и нивни кредитори,“ порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во објава на социјалната мрежа „X”.
Тој посочи дека банките, позајмувајќи средства од граѓаните и претпријатијата – најчесто со нула или минимален трошок – обезбедуваат значителен обем на средства за одржување на својата ликвидност. „Затоа, правичен однос кон граѓаните и фирмите во платниот промет е минимумот што го очекуваме,“ истакна Славески.
Гувернерот се осврна и на платежната сметка со основни функции, која според него треба да стане навистина функционална и достапна за пошироката јавност. Со предлог-измените на Народната банка, граѓаните ќе добијат пристап до мобилно банкарство, дебитна картичка, подигнување готовина и електронски трансакции за месечен надомест од 36 денари, а за ранливите категории – бесплатно.
Само 140 граѓани досега ја користат платежната сметка со основни функции, а причината се ограничувањата, вели Славески.
Затоа, Народната банка предлага законски измени кои ќе ја направат оваа сметка достапна, практична и исплатлива за илјадници луѓе во земјата.
Меѓу новините е можноста граѓаните да користат дозволено пречекорување преку платежната сметка со основни функции, како и да ја отворат без да ги затворат постојните сметки во други банки.
Целта е јасна – вистинска финансиска вклученост за сите, порача гувернерот Славески.