Skip to main content

Поддршка за ранливите потрошувачи на енергија – обезбедени 42,3 милиони денари финансиска помош

Freepik

Владата донесе Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, во насока на унапредување на енергетската заштита и поддршка на граѓаните кои се соочуваат со социјални и здравствени предизвици. Со Програмата се обезбедуваат 42.300.000 денари од државниот буџет, наменети за директна финансиска поддршка за најзагрозените категории на граѓани, соопшти денеска Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Програмата, како што посочуваат од Министерството, има за цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за оние на кои им е најпотребна.

-Средствата се наменети за директна финансиска поддршка за домаќинства што живеат во енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и оние кои користат гарантирана минимална помош. Корисници на оваа програма се домаќинствата кои остваруваат паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси, како и домаќинства во кои живеат лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, потполно слепи или потполно глуви лица, појаснуваат од Министерството.

За оваа втора категорија, како што се наведува во соопштението, програмата предвидува месечна поддршка во висина од 1.000 денари, што директно ќе се одбива од фактурите за потрошена електрична енергија, почнувајќи од месецот на поднесување на барањето, во времетраење од 12 месеци.

-Финансиската поддршка ќе се доделува според принципот најниски приходи, се до исцрпување на средствата и тоа: 2. 300. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, 19. 000. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со најтешка телесна попреченост, 9.000.000,00 денари од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее потполно слепо лице и 12. 000. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее потполно глуво лице, велат од Министерството за енергетика.

Заинтересираните граѓани ќе можат да аплицираат преку јавен оглас кој ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за енергетика (www.energy.gov.mk) и во два дневни весници. Огласот ќе биде со рок за пријавување од 30 дена. Образецот за пријава ќе биде достапен на интернет, како и во архивата на Министерството, а апликантите ќе треба да приложат и документи со кои ја докажуваат исполнетоста на условите за финансиска поддршка.

Од Министерството за енергетика истакнуваат дека распределбата на средствата ќе се врши согласно специфичните потреби на целните групи: 2,3 милиони денари се наменети за домаќинства со лица со тешка интелектуална попреченост, 19 милиони за домаќинства со најтешка телесна попреченост, 9 милиони за домаќинства со потполно слепо лице и 12 милиони денари за оние со потполно глуво лице.

-Процедурата за селекција ќе ја спроведат четири комисии составени од вработени во Министерството, поделени според видот на попреченост на лицето во домаќинството. Комисиите ќе ги разгледуваат пристигнатите барања и ќе утврдат кои кандидати ги исполнуваат условите. Списокот на корисници кои ќе добијат финансиска поддршка ќе биде јавно објавен, се наведува во соопштението.

Од Министерството нагласуваат дека програмата предвидува и дополнителни мерки за олеснување на енергетскиот пристап, вклучувајќи ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритет во отстранување на дефекти и мерки против исклучување поради неплатени сметки во зимскиот период. Со ова се гарантира дека ниту едно домаќинство кое се соочува со социјален или здравствен ризик нема да остане без основна енергетска поддршка.

Сите информации, јавниот оглас и образецот за пријава ќе бидат достапни на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.

Од Министерството апелираат сите кои исполнуваат услови навремено да се информираат и да аплицираат во предвидениот рок.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како што се наведува во соопштението, останува посветено на создавање на фер и одржливо енергетско општество, во кое секој граѓанин има пристап до основните потреби за живот – особено оние на кои тоа најмногу им е потребно.

Поврзани вести