Skip to main content

Падот на млекопроизводството е резултат на погрешни политики, смета Трипуновски

Имаме сериозен пад на млекопроизводството и тоа е резултат на погрешни политики, смета министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Тој рече дека тоа било во минатото, а изминатите шест – седум месеци како власт, нагласи, работат интензивно за да се врати сточарството, како и млекопроизводството, меѓу другото.

Тој одговарајќи на пратеничко прашање, демантираше дека субвенциите биле намалени. Напротив, рече министерот, зголемени се.

– Дополнително, оваа година за првпат ја воведуваме мерката за оставено женско теле, односно за зголемување на основното стадо на секој еден фармер. Сумата што ќе ја добие секој еден фармер за оставено женско теле, е, 3.000 денари дополнителна субвенција, додаде, меѓу другото, Трипуновски во Собранието.

Тој рече дека со самото доаѓање на ВМРО-ДПМНЕ на власт, се повела сериозна акција во делот на злоупотребата со земјоделското земјиште.

– Во наредните месеци ќе има и наменски огласи за сточарите, каде ќе имаат предност при добивањето на земјоделското земјиште. Знаеме дека на сточарите им треба земјиште за производство на храна, да ги намалат загубите во делот на производството, од друга страна да имаат сигурен прилив на храна што им е потребна, истакна министерот.

Тој за утре најави посета во пелагонискиот регион, каде ќе имал средба и со сточари.

Само да најавам дека ЗК Пелагонија е во фаза на склучување на анекс на договор каде се ослободуваат 1.600 хектари државно земјоделско земјиште, што ќе го ставиме на располагање на сточарите од Пелагонија. И тоа се во повеќе катастарски општини, едноставно во сите општини што гравитираат кон Битола, Мобила, Новаци и останатите населени места, ќе можат да дојдат до земјоделско земјиште. Зборувам за квалитетно земјоделско земјиште. Така да, не се сложувам со вашата констатација дека ние како Влада, не работиме во делот на сточарството, не се грижиме за сточарите или водиме лоша земјишна политика, нагласи Трипуновски.

Министерот рече дека нема информација оти некој градоначалник сака да дислоцира некоја фарма во државава. Напротив, во координација со сите градоначалници, како што посочи министерот, се работи на урбанизација на селата, на легализација на вакви објекти, за да можат сите фарми да бидат корисници на европските фондови.

– Во делот на развивање на сточарството, легализација на фарми и така натаму, верувајте дека само времето ќе покаже колку сме поуспешни од сите претходни, дециден беше Трипуновски.

Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев постави три прашања, како што рече, од млекопроизводители, односно од луѓе кои имаат фарми.

– Ситуацијата со производството на млеко во Македонија е лоша. Се покачија цените на сѐ што е потребно за производство на мелко. Се покачи цена на вода, на гориво и храна. Ко за беља, изминатата година беше сушна, па и тие кои сами си произведуваат храна, се најдоа во незавидна ситуација. Оттука, откупната цена на млекото се движи околу 30 денари, а во продавница на рафтови е трипати поскапо. Со други зборови, оние откупците или прекупците ја собираат целата добивка од трудот на фармерите, коишто го произведуваат млекото. И да биде уште потрагично, оние големи млекари се сите странски капитал, а домашното млеко го извезуваат во странство. Македонскиот народ, којшто произведува квалитетно млеко, пие млеко од прав, во прашок, рече Јанчев.

Тој додаде дека висината на субвенциите засега останала иста, но, имало информации и за нејзино намалување.

– Ние како политичка партија имаме други политики и видувања по оваа проблематика и решенија со што субвенциите ќе станат и непотребни, изјави Јанчев.

Како такви политики, наброја отворање државни млекари што ќе даваат фер цени за откуп на млеко, снабдување со градинки, училишта, армија, болница, со домашно квалитетно млеко и според пратеникот, така ќе се реши проблемот на млекопроизводителите.

– Проблем е тоа што Македонија почна повеќе да увезува, отколку да извезува млечни производи, а не произведуваме ни сами за себе, истакна Јанчев. 

Поврзани вести