Skip to main content

Николоски: Отворен е фронт за работа на делниците на „Бехтел и Енка“, во 2025 година имаше раст од 90 отсто

Отворен е фронт за интензивирање на градежните активности на автопатските делници што ги реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“, при што е забележан раст од 90 отсто во 2025 година во однос на 2024 година, информираше заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Во гостување во поткастот „Ноќно студио“, Николоски нагласи дека очекува трендот да продолжи и годинава, со нов раст од околу 70 отсто споредено со 2025 година.

– Сега, со оглед на тоа дека завршните сметки се готови, можете да видите дека Бехтел има 90 отсто раст кога ќе ги споредите 2024 со 2025 година, што значи дека она што го кажуваме во јавност, дека ние им ги отворивме фронтовите за работа и им ги овозможивме сите услови да работат, се покажува на дело, а оваа година очекувам дека ќе имаат некаде 70 проценти раст, во споредба со минатата. Значи, проектот расте, како што треба да расте, се обидуваме да ги надминеме слабостите од минатото – рече Николоски.

Проектот, додаде, бил преземен во фаза без значителна теренска подготовка.

– Наследивме проект којшто имаше нула проценти експропријација, нула дислокација на водови и каде што освен потпишување договори немаше никакви активности на терен – додаде Николоски.

Вели се одвиваат активности на терен на делниците Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, додека динамиката на работите на делницата Требеништа – Ќафасан ќе зависи од процедурите поврзани со УНЕСКО.

– Почнавме со активности на терен и на Прилеп – Битола и на Тетово – Гостивар и на Гостивар – Букојчани, ситуацијата на Требеништа – Ќафасан зависи од УНЕСКО, но и таму имаме решенија доколку добиеме зелено светло – посочи Николоски.

Поврзани вести