Skip to main content

На крај на април завршува одлуката за ограничување на маржите, доколку има потреба ќе има нови мерки

Одлуката за ограничување на бруто профитната маржа на основните прехранбени производи и дел од средствата за хигиена и одлуката за утврдување на највисоки цени на осум групи на прехранбени производи завршуваат на крајот на овој месец. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека ќе се следи ситуацијата и доколку има потреба, ќе бидат донесени други мерки.

Ние ќе ја следиме ситуацијата, ако случајно се зголемува инфлацијата, ќе постапиме соодветно и ќе донесеме други мерки- рече Дурмиши на денешната прес-конференција.

Според него, двете мерки ги дале очекуваните резултати затоа што според податоците на Државниот завод за статистика во март инфлацијата бележи намалување на годишно ниво од 2,7 проценти, а во однос на февруари дефлација од 1,3 проценти.

На предлог на Министерството за економија беа донесени одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 102 групи на производи и одлука за утврдување на највисоки цени на осум групи на прехранбени производи. Одлуките стапија на сила од 20 февруари и траат до 30 април.

Од петок, трговците на мало ќе треба и јавно да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници и да ги ажурираат секој ден до 10 часот. Цените треба да бидат објавени во посебен дел од веб страницата и да бидат достапни без регистрација или дополнителна најава на веб страницата. Ова произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачи кои беа донесени во март.

Измените на Законот стапија на сила на 4 март и со нив е предвидено во рок од 45 дена од објавувањето на законот во Службен весник секој трговец на мало и големо да ја објави тековната продажна цена на производите. Согласно законките измени и Правилникот што го изготви Министерството за економија и труд, трговците почнувајќи од 18 април ќе мора да ги објавуваат цените на својата веб страница – рече Дурмиши на прес-конференцијата.

Поврзани вести