Skip to main content

Можни се законски промени: Андоновски следната недела на средба со инфлуенсерите

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска од Штип најави дека се можни промени, односно законски измени со кои се регулира работата на инфлуенсерите, а за што Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) има донесено и Правилник.

Постои правилник донесен врз основа на измените на Законот од 2023 година, кој стапи во сила пред некој месец, со којшто се бара задолжителна регистрација на инфлуенсерите, ги слушнав и коментарите на новото Здружение на инфлуенсери, и мислам дека вреди да се дискутира за овие прашања. Да најавам дека можни се и промени, затоа што не сметаме дека треба ригидно да бараме од креаторите на содржини да се однесуваат исто како и платформите за споделување на тие содржини, односно да бараме толку високи критериуми, од страна на физички лица кои повремено или постојано се занимаваат со оваа работа-изјави Андоновски.

Тој додаде дека инфлуенсерите ги споредува со колумнисти и какошто рече ако не се бараат високи критериуми за регистрација и еден ригиден пристап кон креаторите на содржина во традиционалните медиуми, не гледа зошто би требало да има и толку ригиден пристап кон оваа група на луѓе.

Министерот Андовски истакна и дека неформалниот водич кој беше донесен, создал дополнителни недоразбирања.

Беше донесен и еден неформален документ наречен водич, кој донесе дополнителна забуна затоа што станува збор за неформален документ којшто нема правна важност, а се сфати или се презентираше дека е задолжителен за употреба за оваа група на креатори на јавното мислење. Тоа создаде дополнително недоразбирање помеѓу едната и другата страна-рече Андоновски.

Министерот за дигитална трансформација Андоновски денеска од Штип најави средба со Здружението на инфлуенсери за следната недела, на која ќе се дискутираат сите отворени прашања.

Поврзани вести